Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе направи реални, квалитетни и позитивни промени во образованието

-Ниедна од реформите на оваа Влада не вроди со плод, а да биде катастрофата поголема, нивните реформи не донесоа на пониско ниво во образованието, наместо да има некаков континуитет и да одиме чекор напред, рече Весна Јаневска, претседател на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата За или против  на телевизија Алфа.

Таа посочи дека сите нивоа на образование се неделиви, од предучилишно, до оние по дипломирање на студентите, како магистерски, докторски, специјализации.

„Како што спомена претседателот Христијан Мицкоски, и предучилишното образование треба да биде во ресорот образование, а не во труд и социјала. Другата страшна грешка е концепцијата за основно која е позната како концепција на Мила Царовска. Таа не е спроведлива, не може кај нас учење без учебник“, кажа Јаневска и се осврна и на проблемот со регионалните стручни центри.

„Во средното образование сме отвориле регионални центри за средно стручно образование. Во Куманово има таков регионален центар и учениците четири години учат онлајн, тој е направен, но нема друга опрема, столчиња, клупи, табли и нема зошто парите се потрошија на Бехтел и Енка и на што се не. Нема каде да се изреагира, нема каде да реагираат родителите, се случува или да не добиваа одговор или да добијат смешен одговор. Децата се во пубертет и им е полесно така да учат, но требало да им се каже. Учењето онлајн кај нас не е исто како она во Естонија, кај нас присуството е неопходно, дополнително ова е стручно образование“, посочи Јаневска.

Информираше дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го опреми овој центар и ќе отвори уште три, бидејќи „ни треба работна рака, а сите што можат да работат отидоа надвор од Македонија“.

Јаневска посочи дека идната влада ќе се грижи за стандардот на наставниците во сите нивоа на образование, како и професорите на факултет, бидејќи од овој кадар зависи квалитетот.

„Универзитетските професори работат на истражувања, на проекти, ако тоа го прават ќе имаат простор да пишуваат и објавуваат трудови во списанија со импакт фактор. И ние велиме дека ќе добијат 50 проценти повисока плата цела година. Но, да не мислат колегите ако се потпишат 15 лица на трудот дека сите ќе добијат, ќе добие само носителот на трудот, ќе има правилник“, кажа Јаневска.