Тутунската индустрија е една од најстабилните индустриски гранки од која голем бенефит има македонската економија. Лани беа засеани 19.800 хектари тутун, што е најголема површина во псоледните десетина години, а и цената за откуп на килограм тутун беше највисока 180 денари по килограм.
Тутунската индустрија во земјата во изминатите години има стабилно учество од 16-18 отсто во земјоделско-прехранбениот сектор.
Извозот на тутун зема учество со 23-24 отсто од извозот во земјоделско-прехранбениот сектор, а 4-5 отсто од вкупниот извоз. По основ на давачки и акцизи 30 отсто од буџетот се полни од оваа индустрија.
„Изминатата година имаше 42.367 склучени договори за откуп на тутун, што значи дека исто толку семејства се вклучени во оваа област и егзистираат од тутунот. Во однос на 2012 бројот на договори е зголемен за 45 отсто. Во однос на 2011 пак за 27 отсто. Површина која што е засеана со тутун е 19.800 хектари што е највисока бројка во однос на изминатите години. Лани се откупиле 30.997 тони тутун, што е за 10 отсто повеќе од 2012 година, а за 47 отсто повеќе од 2011 година,“ изјави Васко Ристовски од Стопанската комора.
Просечната цена за разлика од минатата година која беше висока и изнесуваше 180,2 денари за килограм, годинава беше помала и изнесуваше 152, отсто. Вклучувајќи ги и субвенциите на Владата, за целосен откуп на тутунот беа потрошени 77,2 милиони евра или 1,8 милијарди денари од кои беа субвенционирани 31 милион евра.
Поголемите компании, годинешниот откуп го започнаа порано од предвидениот законски рок.
„Како резултат на послабиот квалитет на тутунот во одредени региони, реколтата имаше просечно пониска цена. Имаше и мало незадоволство од страна на тутунопроизводителите. Проценката на квалитетот се префрли на второстепена комисија. По завршувањето на редовниот откуп и дополнителните количини беа откупени.Тутунарите беа исплатени навреме, а по завршување на редовниот откуп беше исплатена и премијата од Владата по 60 ден. за килограм од откупен тутун,“ додаде Ристовски.
Извозот на тутунот во 2013 година изнесува 155 милиони долари, што е многу повеќе во однос на конзервната и винската индустрија (60 милиони долари) кои исто така спаѓаат во земјоделско-прехранбената индустрија. Беа извезени 25.440 тони тутун, беше постигната повисока просечна цена за килограм извозен тутун од 6,1 долар за килограм, во однос на 5,3 долари за килограм тутун од 2012 година.
Но, за следната реколта има намален број на склучени договори. Ова е како резултат на намалената побарувачка на ориенталниот тутун на светското ниво.
„И покрај добрите резултати оваа гранка изминатите осум години се соочува со проблеми кои потекнуваат од светско ниво. Светската здравствена организација форсира Рамковна конвенција кој истакнува дека пушењето е штетно на здравјето, кое би влијаело на помало производство на тутун.Но Македонија е дел од широка коалиција во која учевствуваат голем број на земји и се спротивставуваат на СЗО со образложение дека пушењето е штетно по здравјето на луѓето, но одгледувањето на тутун за различни цели не е штетно. Една од тие употреби е за производство на био-дизел гориво кое во Италија и Индија на големо се практикува,“ објаснува Ристовски.
Стопанската комора заедно во соработка со Италијаните работат на проект кој ќе овозможи Македонија да научи како ориенталниот тутун да го користи во овие цели.
„Тоа во иднина би подразбирало замена на овој тип на ориентален тутун со друг тип, можеби ќе има измени во делот на одгледувањето и како тутунското семе и стеблото од тутунот да се користат за добивање на био дизел гориво. Добро е што и стручни лица кои работеле на оваа проблематика и кои изработиле докторски десертации на оваа тема можат да бидат вклучени во процесот. Доколку не дојде до судир на интереси меѓу компаниите кои сега го откупуваат тутунот, односно листот и оние кои ќе го откупуваат стеблото и семето, тогаш ќе го поддржат зголемувањето на производството на ориентален тутун,“ објаснува Ристовски.
Влегувањето на Филип Морис во Тутунски комбинат Прилеп е повеќе од добро за оваа индустриска гранка бидејќи ќе го подигне квалитетот.
Лани извозот на цигари изнесувал 25 милиони долари и сме извезле 4500 тони цигари. Извозната цена беше 5,4 долари за килограм што е повисока во однос на 2012 која изнесуваше 4,4 долари по килограм.
Се предвидува дека следната година, откупот на тутун ќе биде од 26 до 28 илјади тони тутун, што ќе претставува намалување на откупот .