Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски Иџе го освои второто место во групата Н па петтата трка од Европскиот шампионат на ридски патеки која викендот се одржа на патеката Еце “Хомо”, во Штернберг, Чешка.
Во многу силна и бројна конкуренција Иџе го повтори резултатот од лани, а побрз од него беше домашниот тркач Јири Лос.
Третото место во оваа група го освои уште еден домашен возач, Мартин Јерман.
Стефановски иако за првпат оваа сезона не победи, сепак е задоволен од резултатот.
– Не можеме цело време да победувам. Понекогаш може да сум и втор. Тешко е да се победат Чесите на нивен терен, Лос секако е посебно мотивиран да не загуби од мене пред својата публика. Неговото прво возење му беше и најдоброто време воопшто поставено на оваа патека. Мојот резултат беше блиску до неговиот, но во второто возење направив неколку мали превиди на некои свиоци и оттука е послабиот резултат. Тој имаше одбрано потврда компонента гуми од мојата, па можеби и тоа се покажа како клучно во крајниот резултат, истакна Стефановски.
Вкупно на трката учествуваа 114 возачи од кои во групата Н беа пријавени 15 учесници. Како и обично севкупен победник беше Италијанецот Симоне Фаџиоли со болид Норма Н20 и времиња од 2:46.6 и 2:47.38.
Во генералниот пласман, во категоријата 1 каде што се автомобилите, Стефановски го задржа убедливото водство со 118 бода од пет трки, а сега на второто место е Чехот Јаромир Мали кој победи во групата А и досега има освоено 86 бода. Следната трка се вози за две недели во Лиманова, Полска.