ИЕА: Забрзан раст на потрошувачката на струја во светот

Глобалната потрошувачка на електрична енергија силно расте, поттикната од зголемените потреби за енергија во земјите во развој како и развојот на индустријата. Таа порасна за 4,3 отсто минатата година, по растот од 2,5 отсто во 2023 година, според пресметките на ИЕА, енергетската советодавна агенција на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Од 2025 до 2027 година темпото на раст треба да биде стабилно, со прогнозирана годишна стапка на раст од речиси четири отсто, се оценува во годишниот извештај.

Според него, зголемувањето на потрошувачката е пред се последица на потребите за струја во индустриското производство, зголемената побарувачка за климатизација, зголемената електрификација особено во транспортниот сектор и забрзаната изградба и проширување на центрите за податоци.

ИЕА откри дека најголемиот дел од дополнителната побарувачка во следните три години ќе дојде од земјите во развој, кои сочинуваат 85 отсто од растот на побарувачката.

Побарувачката за електрична енергија во Кина расте посилно од економијата како целина од 2020 година, при што се зголеми за седум проценти во 2024 година. До 2027 година би требало да расте во просек за шест отсто годишно.

Меѓу главните двигатели на растот се забрзаното производство на соларни панели, батерии и електрични автомобили, кои бараат големи количини електрична енергија, како и електрични возила, центри за податоци и 5G мрежи.

Агенцијата проценува дека зголемувањето на употребата на извори на енергија со ниски емисии, првенствено обновливите и нуклеарната енергија, ќе биде доволно за да се задоволи зголемената глобална побарувачка во следните три години.

Приближно половина од зголемувањето на побарувачката ќе биде покриено со електрична енергија од фотоволтаични системи, покажа нивното истражување.