Играч на лотаријата Mega Millions освои џекпот од 1,3 милијарди долари

Сопственикот на тикетот од американската лотарија Mega Millions од сојузната држава Калифорнија се разбуди многу побогат во саботата, откако неколку часа претходно ги погоди сите шест бројки и ја освои премијата од 1,3 милијарди долари, петти најголем џекпот во историјата на оваа игра.

Добитното ливче со броевите 3, 7, 37, 49 и 55 и дополнителниот 6 во петочното извлекување било продадено во Котонвуд, во Калифорнија, околу 200 километри северно од Сан Франциско, соопштија од Mega Millions.

„Каков неверојатен подарок за овие празници! Во посебниот период од годината, ова е и посебен момент за нашиот добитник“, изјави извршниот директор на лотаријата Џошуа Џонстон.

Износот на џекпот достигна 1,269 милијарди долари откако никој не постигна добитна комбинација во претходните 30 извлекувања. Шансите за освојување на џекпот се еден спрема 302.575.350.

Рекордот според висината на наградата поединечно на лотаријата му припаѓа на добитник од американската сојузна држава Јужна Каролина, кој во 2018 година освои 1,5 милијарди долари на американската лотарија Mega Millions. Добитникот одлучи да остане анонимен.

Најголемата досегашна добивка во историјата на американската лотарија е освоена во ноември 2022 година, кога победник во Калифорнија освои џекпот од 2,04 милијарди долари на Powerball.