ИК на ВМРО-ДПМНЕ смета дека победиле на изборите, го овласти Мицкоски да преговара за составување Влада

Членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на првата седница по одржувањето на предвремените парламентарни избори донесле одлука да го овластат претседателот Христијан Мицкоски да продолжи со разговори во обидот за составување на ново парламентарно мнозинство, соопштија од партијата.

Според Извршниот комитет, и покрај тоа што изборите се одржале во недемократска атмосфера со масовен поткуп на гласови спроведен од актуелната власт на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ја добила довербата од народот во најголем број на општини и издејствува поголем број на мандати споредено со партијата СДСМ без коалицијата со БЕСА.

Оттаму, тие заклучиле дека нивниот лидер Мицкоски треба да преговара со потенцијални партнери за формирање Влада.

Со оглед на тонот на соопштението, во кое партијата се смета за победник на изборите, на седницата не била побарана одговорност ниту од претседателот, ниту од партиското раководство за изборниот резултат.

„Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ даде насока да се изготви темелна анализа за резултатите од изборите за која подоцна ќе се дискутира на органите и телата на партијата“, се вели во соопштението од партијата.

Оттаму најавуваат дека одбиените приговори од ДИК ќе ги преточат во тужбено барање до Управниот Суд.

На седницата се дискутирало и за актуелната општествено политичка состојба, а ВМРО-ДПМНЕ е загрижена поради економската криза во државата и очекува да се преземат активни мерки за таа да се надмине.