ИКТ Комора: Дигитализацијата не е опција, туку е потреба за компаниите

„Предизвици за раст на ИТ индустријата детектирани се во недостаток на инвестиции во нова технологија, недоволна искористеност и примена на облак платформите, ниско ниво на електронска трговија како и анализа на големи податоци попзнато како податочно рударење“, истакна претседателот на ИКТ Комората, Саша Огненовски.
Тој рече дека технологијата напредува со голема брзина со што притисокот за имплементирање нова технологија, станува се поголем и компаниите веќе стануваат сфесни дека дигитализацијата е неопходна за да опстанат во денешниот свет, таа веќе не е опција туку неопходна потреба за сите компании без разлика на големината и секторот. Дополнително дигитализацијата е континуиран процес и за да биде успешна потребни се професионални лица, стратегија за дигитализација на компанијата и технологија.
„Компаниите секојдневно се соочуваат со предизвиците на дигиталната трансформација и потребата да се користат дигитални технологии за да се забрза нивниот пораст, како и да се иновираат процесите, производите и услугите, за истите тие да се приспособат на новите генерации потрошувачи. За да бидат конкурентни македонските компании на европските пазари, сите работни процеси треба да преминат на дигитална платформа, без разлика дали станува збор за проекти, производи, маркетинг или продажба“ , изјави Огненовски и додаде дека домашните компании, особено малите и средни најголемиот раст може да го доживеат со дигитализација за развој на иновативни решенија со што ќе бидат конкурентни на светскиот пазар.
Минатата година, ИКТ секторот во нашата земја, учествувал со 7,8 проценти од вкупниот БДП. Истражувањата покажуваат дека дигитализацијата на компаниите е корисен процес и дека оние компании кои спровеле дигитална трансформација прикажуваат раст од 26 проценти. Дигиталното работење на компанииите во нашата земја и од Западен Балкан изнесува во просек 10 отсто од вкупното работење на компаниите, но позитивно е тоа што 63,3 отсто од компаниите сметаат дека дигитализацијата претставува можност за унапредување на нивниот начин на работа.