Илјадници демонстранти од четвртокот почнаа да пристигнуваат во перуанската престолнина, а голем број нив од планинските региони на Андите, за да бараат оставка од претседателката Дина Болуарте, поради што властите распоредија речиси 12.000 припадници на силите за одржување на редот и мирот во градот.
Во четвртокот пристигна веста за смртта на уште еден демонстрант кој ден претходно беше повреден во судирот со полицијата на југот од земјата, па сега бројот на загинатите од почетокот на политичката криза на 7-ми декември се искачи на 44, од кои еден е полицаец.
На централниот плоштад во Лима пристигнуваат демонстранти кои велат дека се борат за праведна работа, сакаат распуштање на парламентот, обидите да бидат замолчени и ѝ забележуваат на власта која ги именува како „вандали“ и „терористи“. Групи демонстранти од југот и од Андите веќе се приклучија на протестната поворка кој перманентно се движи будно следена од одредите на интервентната полиција.
„Полицијата е во состојба на највисока приправност. Имаме 11.800 припадници на улиците за да го надгледуваат протестот. Имаме повеќе од 120 полициски и 49 воени возила, а на полицијата ѝ помага војската“, изјави генералот Виктор Занабрија, началник на полицијата во Лима.
Помали судири се случиле по 17 часот во четвртокот по локално време, или по 23 часот по средноевропско време во центарот на главниот град на Перу, во коишто учествувале демонстранти кои фрлале камења и полицијата којашто возвраќала со солзавец, извести репортерот на агенцијата AFP.
Извор од канцеларијата на Републичкиот посредник известил дека во четвртокот утрото по локално време демонстрант починал по ранувањето од огнено оружје во судирот меѓу полицијата и демонстрантите во Макусанија, во јужниот регион Пуњо, близу границата со Боливија. Во средата на истиот тој протест со истрел од огнено оружје била убиена и 35-годишна жена.
Демонстрантите кои бараат нови избори во Перу најавуваат „заземање“ на Лима, каде што некои скулптури и споменици на историски личности се заштитени со пластични церади од можни нагрдувања и оштетувања.
Медиумите истакнуваат дека засега не е возможно да се процени колку луѓе пристигнале во Лима, и покрај податоците кои ги изнесуваат и едната и другата страна а кои драстично се разликуваат.
Владата во неделата прогласи нова 30-дневна вонредна состојба во Лима, Куско, Алау и Пуњо, што ѝ овозможува на војската да го одржува редот, но истовремено ја ограничува слободата на собирање и движење.
Безредијата во Перу избувнаа по отповикувањето и апсењето на левичарскиот претседател Педро Кастиљо на 7-ми декември, под обвинение дека се обидел да изведе државен удар кога најави распуштање на парламентот кој имаше намера да го отповика од должноста. Перу, инаку, со години е во политички превирања а последната се разгоре откако Кастиљо објави дека го распушта Конгресот и воведува вонредна состојба, но Конгресот со големо мнозинство гласаше за негово отповикување.
Поддржувачите на поранешниот претседател бараат новата претседателка на државата Дина Болуарте да поднесе оставка и да се распишат предвремени избори. Болуарте беше потпретседателка на Кастиљо и го замени на должноста според Уставот. Доаѓа од истата партија, но демонстрантите веќе ја прогласија за предавник.
Болуарте, пак, во понеделникот повика на мир и оирадала дека власта „знае дека сакаат да ја ‘заземат’ Лима според она што го пишуваат на социјалните мрежи… Нека ја заземата, да, но во ред и во мир“.
Канцеларијата на главниот обвинител на Перу соопшти пред десетина дена дека покренала истрага против новата претседателка Дина Болуарте и членовите на нејзиниот кабинет поради насилните судири со бројни жртви. Државното обвинителство соопшти дека ги истражува Болуарте, премиерот Алберто Отарола, министерот за одбрана Хорхе Чавез и министерот за внатрешни работи Виктор Рохас под обвинение за „геноцид, квалификувано убиство и нанесување тешки повреди“.