Илјадници демонстранти во Италија бараат да не се укинува забраната за давање откази

The demonstration of the CGIL CISL UIL Union trade for the protection of labor in Turin, Italy, 26 June 2021. ANSA / ALESSANDRO DI MARCO

Илјадници италијански работници протестираа во саботата во неколку градови, барајќи продолжување на забраната за давање откази за да се заштитат работниците во текот на пандемијата на коронавирусот.

Генералниот секретар на еден од водечките синдикати во земјата CGIL, Маурицио Ландини, на протестот во Торино побара забраната за давање откази на работниците да остане на сила уште четири месеци, до крајот на октомври.

Забраната за давање откази, којашто би требало да истече во четврток, важи за компаниите во некои стопански сектори кои се особено силно погодени од последиците на пандемијата, како што се градежништвото или производството.

Мерката владата ја воведе кон крајот на февраури 2020 година за заштита на работници и неколкупати досега ја продолжуваше.

Синдикатите стравуваат дека укинувањето на забраната би претставувала „социјална бомба“ и бараат сигурност за работниците, изјави во Бари лидерот на другиот голем синдикат UIL, Пјерпаоло Бомбардиери.

Претставниците на работодавачите, од друга страна, пак, го критикуваат фактот дека поради оваа забрана, компаниите можат само бавно да се реорганизираат за да бидат повторно конкурентни на пазарот.

Според италијанските медиуми, и во политичките кругови во Рим постојат несогласувања за тоа дали забраната треба да биде продолжена и на кој начин. Станува збор за илјадници работни места.