Илјадници пропалестински демонстранти се собраа во градовите ширум светот во неделата пред првата годишнина од смртоносниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, што се смета за предизвикувач на војната во Газа откако веќе истиот ден израелската армија армија одговори со сеофатна инвазија која предизвика десетици илјади цивилни жртви и целосно разорување на палестинската енклава.
Протестите се одржаа во поголемите градови од Џакарта до Истанбул и Рабат, а следеа по демонстрациите во саботата во големите европски метрополи и во Вашингтон и Њујорк.
Во Париз, еврејската заедница се собра во неделата за да одбележи една година од нападите на палестинската милитантна група Хамас, кога нејзини членови ги нападнаа јужните израелски заедници, убивајќи 1.200 луѓе и зедоа околу 250 заложници, според израелските податоци. Во последователната израелска воена офанзива против Хамас во Газа, според Министерството за здравство на Газа, загинаа речиси 42.000 Палестинци, но овој податок не е ажуриран подолг период.
Во Џакарта, главниот град на Индонезија, најнаселената земја со мнозинско муслиманско население, најмалку илјада пропалестински демонстранти се собраа во близина на американската амбасада за да побараат Вашингтон да престане да му доставува оружје на Израел.
Во Сиднеј, илјадници пропалестински демонстранти вееја либански и палестински знамиња под силно полициско присуство. Едно лице е уапсено бидејќи веело израелско знаме со кукаст крст во средината наместо Давидовата ѕвезда.
Во Рабат, илјадници Мароканци одеа во поворка повикувајќи на прекин на насилството во Газа и Либан, во еден од најголемите протести во земјата од почетокот на војната во Газа. Демонстрантите побараа прекин на дипломатските врски на Мароко со Израел, извикувајќи „Кажете не за нормализација на односите, Палестина не е на продажба“.