Илјадници на протест во Тунис поради претседателскиот „државен удар“

Најмалку шест илјади луѓе под мотото „Народот против државниот удар“, излегоа на улиците во неделата во Тунис, што е најголемиот протест против претседателот Каис Саид кој на 25-ти јули ја презема извршната власт во земјата.

Протестот се одржа една седмица по демонстрациите за поддршка на претседателот Саид на кој според медиумските извештаи и процените на полицијата присуствувале околу 10.000 негови приврзаници кои дошле во главниот град Тунис од сите страни на земјата.

И покрај строгите специјални полициски мерки, повеќе од пет илјади луѓе, според процените на медиумите, се слевале кон улицата Хабин Бургиба за да протестираат на повик на партиите кои се спротиставуваат на одлуките на претседателот, меѓу кои и исламистичката партија Енада (Ennahdha).

Полициски извори за агенцијата AFP рекле дека во текот на најголемиот прилив имало меѓу 6.000 и 8.000 луѓе.

„Народот против државниот удар“ и „Крени го гласот, револуцијата не умира“, извикувале демонстрантите, меѓу коишто многумина се идентификувале како симпатизери на Енада којашто за претседателот е „црвена крпа“.

По повеќемесечната политичка блокада и среде оштествено-економската и здравствена криза, претседателот Саид на 25-ти јули под изговор за „непосредна закана“ го смени премиерот, го распушти парламентот и ги презема врз себе правосудните овластувања. По два месеца неизвесност, на 22-ри септември донесе уредба со којашто службено укина неколку глави од Уставот и воведе „вонредни мерки“ кои би требало да бидат привремени, додека не бидат спроведени „политичките реформи“ и не бидат внесени измените во Уставот од 2014 година, донесен откако со ткн „Арапска пролет“ во 2011 година беше соборен од власта претседателот Зин ал-Абидин бен Али, кој владееше со Тунис 22 години.