Илјадници во Париз бараат отворање на хотелите и рестораните

„Дајте ни да работиме“ бараа илјадници хотелиери и угостители кои се собраа во понеделникот во Париз на повик на десетина организации од овој сектор, за да побараат отворање на нивните објекти.

Угостители, хотелиери, трговци на големо и сопственици на големите париски дискотеки се собраа на Плас де Инвалид, за да ја демонстрираат „неволјата на целиот сектор“, објасни Ерве Бесам, потпретедател на Унијата на угостителските занаети и хотелиерството, главниот синдикат во овој сектор, пренесува AFP.

Демонстрантите бараа дополнителна помош, но во прв ред правото на продолжување на работата, додека повторното отворање на рестораните и кафеат засега е предвидено дури за 20-ти јануари, а за доскотеките сѐ уште не се знае кога повторно ќе бидат отворени.

„Не можеме да живееме од субвенции“, вели Стефан Маниголд, кој ја води групата „Eclore“. „Навистина имаме впечаток дека сме жртвувани“, изјавил Дидие Шене, претсетадел на Националното здружение на независните угостители.

Според анкетата којашто во ноември ја спровела неговата организација, 30 отсто од хотелите и рестораните размислуваат да објават стечај.

Добавувачите, исто така се загрижени. „Не нѐ присилуваат на затворање, но ги затвораат нашите клиенти“, изјави Андре Дирил, трговец со пијалаци на големо, кој рекол дека оваа година бележи загуба од 2 милиона евра.

Затворените компании сега може да бираат меѓу месечна помош до 10.000 евра или отштета до 20 отсто од месечниот промет до 200.000 евра.

Компаниите од секторите туризам, хотелиерство и култура кои не се затворени но изгубиле најмалку 50 отсто од прометот, може да добијат помош до 10.000 евра, или отштета до 15 отсто од месечниот промет преку солидарни фондови, кои моќе да се зголеми до 20 отсто од месечниот промет за команите кои загубеле 70 отсто од приходите.