Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски од денеска е нов тренер на Брегалница.
Штипјани се разделија со Марјан Секуловски и „кормилото“ му го доверија на Ѓорѓиоски, кој и се враќа на тренерската работа по речиси една деценија.
– Брегалница со овој чин и именувањето на Илчо Ѓорѓиоски за нов шеф на стручниот штаб отворено ја покажува намерата за дополнителен свој фудбалски развој. Нема потреба да се трошат зборови за тоа кој е Илчо Ѓорѓиоски на македонската фудбалска сцена, па единствено може да посакаме да се продолжи со успешните резултати на ФК Брегалница во иднина, истакна првиот човек на Брегалница, Кирил Гогов, по потпишувањето на договорот со Ѓорѓиоски.
Ѓорѓиоски во својата тренерска кариера има освоено три шампионски титули во домашното првенство, две со Вардар и една со Македонија Ѓорче Петров. Тој своевремено беше и селектор на македонската репрезентација до 19 години. На чело на ФФМ беше од 2012 до 2018 година.
Брегалница по првата полусезона се наоѓа на 4.место на табелата во домашното првенство со 29 бодови.