Државата може да направи многу повеќе за да ја осигура националната безбедност и безбедноста на граѓаните. Не треба да доживееме катастрофален напад врз електрани, банкарскиот систем или системот за здравство за да донесеме закон за заштита на критична инфраструктура, смета во својата анализа, безбедносниот експерт Александар Илиев.
„Не треба да доживееме трагичен напад со огнено оружје во училиште или трговски центар за да ја подобриме безбедноста на јавните места. Суштински е потребно да се донесе квалитетен Закон за заштита на критичната инфраструктура и да се реформира системот на справување со кризи, системот за заштита и спасување и системот за координација на разузнавачко-безбедносниот сектор. Само така може да се гарантира непречено функционирање на државата и да се осигура безбедноста на граѓаните.
За жал ние некогаш не учиме од туѓите грешки, колку и да се тие блиску до нас. Во 2023 година, после нападите со огнено оружје врз ученици и други цивили во Србија, во Р. С. Македонија се иницираше дискусија за подобрување на безбедноста на учениците и во нашата држава. Тогаш беше логично да се донесе регулатива за постапување во случај на напад во училиште од страна на вооружено лице, да се реализираат обуки и вежби со учество на училиштата, полицијата и здравствениот сектор. Меѓутоа, она што го презема Министерството за образование и наука вклучуваше препораки за: носење мобилни телефони, носење училишна униформа, начин на облекувањето на наставниот кадар и следење на менталната состојба на учениците.Овие препораки не се фокусирани за справување со оружен напад во училиште, а дискутабилно е колку се ефективни и за превенција од насилство помеѓу учениците.
Повеќе прочитајте на А1он.мк