Почитувани,
Во последниве неколку седмици македонската влада, и другите државни институции како и македонската јавност беа запознати преку медиумите и порталите за меѓународниот образовен криминал на Универзитетот во Тетово. Сомнежите се лоцирани на Медицинскиот факултет во Тетово и тие се откриени преку истражувачката сторија и публикација на „Веритас“ по однос на разни докторати- плагијати кај одредени професори (наведени се примери од седум лица наставен кадар на овој универзитет за чии научни трудови е утврдено дека се плагијат). Злоупотребата на ректорот на овој универзитет продолжуваат на тој начин што бара да се „протуркаат“ 15 докторанти со докторски плагијати и да бидат дел од академскиот кадар!. Откако е одбиено барањето од страна на деканот, ректорот го суспендира од деканското место. Овој меѓународен скандал доби широки размери на Балканот и пошироко, спомнувајќи го тетовскиот и крагуевачкиот универзитет од Република Србија. Додека во Србија, министерот за образование и наука го разрешува тамошниот ректор и се покреваат истражни мерки за откриени незаконски добиени докторски титули од Косово и Македонија и истрагата е на највисоко ниво со ангажирање на сите институции. А, кај нас?
Почитуван претседател Пендаровски,
Владата на Р.Македонија, и сите надлежни органи и институции (премиерот има специјален советник за образование во професор д-р Татјана Стојановска Иванова, министерката за образование и наука Мила Цароска и нејзиниот заменик министер) за откриениот меѓународен образовен скандал изјавуваат дека не се надлежни, а исто таков несериозен однос демонстрираат и првите луѓе од Агенцијата за квалитет во високото образование и нивните органи Одборот за акредитација и Одборот за евалуација на високото образование, не реагираат, не се огласуваат. Државниот просветен инспекторат по доставена преставка извршил вонреден инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово, но од извршениот инспекциски надзор, нема ни глас ни извештај. За ова треба да е од интерес и да се произнесе ДПИ и МОН. Што се крие?
Почитувани од академска фела,
Дека состојбите во високото образование во Република Македонија се алармантни и загрижувачки, покажуваат меѓународните ранг листи каде се наоѓаат нашите универзитети. Нашето високо образование е на дното. Не се препознаваат на Балканот и пошироко.
Со донесувањето на новиот Закон за високо образование (Сл.весник на РМ бр.08.05.2018), (кој теоретски е добро срочен) се формираше Агенција за квалитет за високо образование, со два органи кои се во составот на Агенцијата и тоа Одбор за акредитација и Одбор за евалуација на високото образование. Исто како што е убаво срочен и законскиот рок за формирање на оваа Агенција (една година од стапувањето во сила на новиот ЗВО од 2018 година), рок кој длабоко го прегазија надлежните македонски институции.
Почитуван Пендаровски и академска фела
Немам намера да ви објаснувам од какво значење е формирањето на Агенцијата за квалитет на високото образование, како и формираните Одбори за акредитација и евалуација на високото образование. И тоа од едноставна причина пред отпочнувањето на претседателскиот мандат и Вие бевте професор на приватен универзитет и познати Ви се овие прашања! Проблемот е во тоа што поставените претседатели на овие одбори и поставениот директор на Агенцијата за квалитет во високото образование поставени од Владата, не си ги извршуваат професионално своите работни задачи (конкретно е дадено во ЗВО).
Почитувани,
Знам дека знаете, ама треба да ве потсетам, што покажува практиката, а таа вели: Со Агенцијата за квалитет во високото образование-раководи и нејзин директор е Агим Рушити, кој треба да ги проверува универзитетите во Македонија. Именованиот завршил докторски студии по математички науки на Факултетот за информатички науки на универзитетот во Нови Пазар, Србија. Почитувани, овој универзитет е познат по многу образовни меѓународни скандали на магистри и докторати. Затоа е потребно да се формира независна експертска комисија да ја провери точноста на докторската титула на Агим Рушити, како и стекнатите наставно-научните звања на градоначалникот на Струга – Рамиз Мерко и нотарката Беса Кадриу на Струшкиот универзитет без нострификација од МОН, а чии дипломи и покрај законската обврска, остануваат ненострифицирани од страна на МОН! Ова е сериозен законски прекршок! Агим Рушити со титула доктор на педагошки науки се стекнал на Филозовскиот факултет на УКИМ-Скопје. И тоа го стекнува во време кога бил раководител во секторот за високо образование при МОН. Истиот го ангажираат на Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, како насловен вонреден професор (извршен му е избор во наставно-научно звање), истовремено, е и насловен вонреден професор и на Факултетот за информатички науки при Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Што може да се констатира дека има судир на интереси и злоупотреба на својата службена должност! Дотолку повеќе што според новиот Закон за високо образование: „едно лице не може да биде избрано во насловно звање на повеќе од еден универзитет“. Тогаш како да очекуваме дека гореспоменатата Агенција за квалитет под раководство на именуваниот Агим Рушити може да врши контрола на универзитетите каде се откриени и има доста незаконитости, кога самиот Агим Рушити скандалозно ги има прекршено правилата и стандрадите кои треба да ги контролира и спроведува? Да не се заборави и фактот дека директорот Агим Рушити е активен член на политичката партија ДУИ, партиципиент во Владата на Република Македонија. Дали не ни е веќе на сите јасно, зошто директорот Агим Рушити молчи и недава никакви изјави за скандалите во високото образование, поконкретно на Универзитетот во Тетово со плагијати, докторски плагијати на научни трудови, докторски дисертации и слично, кои преставуваат најголем срам за академската фела. Чин со кој се прегазува професионалната етика, моралноста и високото образование во Република Македонија. Ова е исто така работа и на Државната комисија за спречување на корупција, во борбата во судир на интереси. Како и на МВР.
Затоа претседател Пендаровски, должни сте да се одважите и преку вашите образовни советници да алармирате до сите институции за загрижувачките состојби во високото образование! Да побарате одговорност од директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование и да ви одговори: Дали и кога ќе го преиспита Универзитетот во Тетово, втор и трет циклус и нивните дипломи добиени од други замји? Дали ќе го преиспита Универзитетот во Битола, каде што има голем број студенти за постдипломски студии од Косово, но и на други универзитети? Или како функционираaт факултетите на приватниот Европскиот универзитет, Струшкиот универзитет, ФОН-универзитетот, Битолскиот, Охридскиот – УИНТ универзитет, Факултетот за Безбедност-Скопје при Битолскиот универзитет, Ветеринарниот факултет во Битола, и други, кога немаат соодветен кадар (согласно ЗВО) или оној Струшкиот на Рамиз Мерко, каде има и имаше влијателни судии од Управен суд и од Апелациониот суд од Битола. А, секако да не се заборави и приватниот универзитет МИТ-Скопје, за кого кривичната пријава за сериозни прекршувања на ЗВО, а за кои дури се вмеша и една странска амбасада, се уште дреме во некоја фиока!?.
Почитуван претседател Пендаровски и академска фела,
Недопирливиот академик Владо Камбовски го води Одборот за акредитација за високо образование е претседател на истиот одбор. По пензионирањето, академикот зема активно учество и се активира во разни матични комисии за формирање на приватни универзитети, како и активно учествува како ректор на приватниот ФОН универзитет?! Па, со право академската фела го поставува прашањето. Дали академикот Камбовски има контрола врз акредитирање и реакредитирање на студиски програми на универзитетите (факултетите)? Ќе поставам конкретни прашања: Зошто господин Камбовски го штити приватниот универзитет ФОН-Скопје? Дали се акредитирани студиските програми на англиски јазик на овој универзитет? Да,треба претседателе, да побарате одговор лично вие. Што презел академикот Камбовски за незаконитостите на овој универзитет?! Дали има соодветен наставен кадар согласно ЗВО! Кои се странците на овој твој универзитет? Како ќе се акредитира новиот Правен факултет на универзитетот „Мајка Тереза“- Скопје, кои немаат соодветен наставен кадар или Студиска програма по Царина-шпедиција и осигурување, на овој политички универзитет! Дали агенцијата за квалитет во високото образование е надвор од било каква контрола? Дали е побарана одговорност од директорот и претседателите на одборите на Агенцијата за нивната работа? Зошто овие лица се надвор од било каква контрола? Кој ги штити? За ова треба да побарате претседателе Пендаровски одговор од академик Камбоски. За ова треба да се сноси одговорност ова е соучесништво за овој образовен криминал во високото образование во Македонија! За ова треба академик Камбовски да одговори и како член на МАНУ, во спротивно ги крши правилата и етичкиот принцип како највисока научна институција во државата! МАНУ треба да се позанимава и со овој образовен криминал во високото образование. Тоа е должност. Очекувам и се надевам дека (имам верба) новиот претседател академик професор д-р Љупчо Коцарев ќе отвори стручно-научна расправа во највисоката научна академија во однос на образовните скандали во високото образование. Тоа е и обврска на МАНУ!!!.
Почитуван претседател Пендаровски,
Можда знаете, можда не, но претседател на Одборот за евалуација на високото образование, односно вреднување на акредитираните студиски програми на јавните и приватните универзитети е професор д-р Марина Митреска. Именованата претходно била член на Одборот за акредитација, но лично со подршка на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е поставена за претседател на Одборот за евалуација за високо образование. Активен член на политичката партија на СДС.
Сакам да Ве запознам како претседател, и вашите советници за образование, дека по донесувањето на Законот за високо образование, овој Одбор за евалуација на високото образование, што го води професор д-р Марина Митреска, нема извршено ниедна евалуација (вреднување) на ниеден јавен и приватен универзитет во Македонија. Во нормална и правна држава веднаш после вакви образовни скандали во високото образование си поднесува оставка. Ама таму постои високо развиена свест и чувство за одговорност и при помали аномалии во високото образование. А, кај нас? Кои се одговорни за ваквите аномалии во високото образование. Како го оправдуваат нивното постоење како орган, кога ништо не сработиле?! Колку финансиски парични средства земаа за неработење? Самиот овој чин доволно говори за учество и самоучество во образовниот криминал во високото образование, состојби кои се загрижувачки и алармантни. Затоа, како што бара академската фела исто така треба да се одважите претседателе и да ги повикате Агим Рушити, академик Владо Камбоски, Марина Митреска, и Мила Цароска, да си поднесат неотповиклива морална оставка.Тие се виновни за криминалите и состојбите во високото образование. Заради нив, високото образованието е таму каде што е. На дното. Ако имаат малку доблест, разум и свест, веднаш треба да си поднесат оставки. Претседателе вие сте на потег!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес