Илиќ осуден на шест години затвор за прегазувањето на Алмир

Кумановецот Бобан Илиќ е осуден на шест години затвор за прегазувањето на четиригодишниот Алмир Алиу, пресуди денеска  Основниот суд во Куманово, откако Обвинителството наместо за убиство со умисла, го преквалификуваше делото во тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Судијката Маја Денковска го осуди на шестмесечна затворска казна за насилство таткото на Алмир, Седат Алиу. Девет месеци казна добија двајцата роднини на Седат кои ги тепале браќата Илиќ.

Судот ги зема во предвид сите докази и законски рамки за или соодветна казна соогласно дејствијата кои ги презеле и настанатата ситуација. За останатите тројца, судот ја имаше предвид последицата, затоа е одредена минималната казна. Девет месеци затвор за другите двајца. На Илиќ му се засметува времето поминато во притвор, рече судијката Денковска.

Адвокатот на семејството Алиу, Асмир Алиспахиќ изрази незадоволство од пресудата и најави жалби до повисоките судови. Тој рече дека требало да се остави судот да донесе пресуда според првичното обвинение, па ако Илиќ навистина бил ослободен тогаш пресудата ќе се обжалила.

Иако е предвидена казна од четири до 20 години, казната од шест години затвор е засрамувачка. Судот воопшто не ги зема во предвид олеснителните околности како губиток на дете. Туку се дрзна да ги осуди таткото, чичкото и братучедот на семејството. Јас како правник ќе се борам да докажам дека е ова монтиран случај. Самото обвинителство го водеше процесот за ваков резултат да се добие. Ние верувавме дека судот ќе изрече многу повисока казна предвидена согласно Кривичниот законик, истакна  Алиспаиќ.

Обвинетите во случајот не беа присутни на судското рочиште, но нивното присуство не е задолжително.

Четиригодишниот Алмир Алиу беше прегазен пред Здравствениот дом во Куманово на 25 јуни 2016 година.

Обвинителката во завршните зборови го прекфалификуваше делото, а како причина посочи дека кога било покренато првичното обвинение за убиство со умисла, доцнеле психијатриското и техничко-сообраќајното вештачење.

Пред да се случи прегазувањето на малиот Алмир, што се гледа на снимката објавена во јавноста, Бобан Илиќ и неговите брат и девојка биле физички нападнати при што им бил оштетен автомобилот, но тој дел од снимката не бил објавен. Девојката која била со двајцата браќа, се јавила и во полиција за да побара помош, рекла обвинителката.