Македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана испрати барање до шефот на албанската држава, Илир Мета, Албанија да ја признае Република Македонија под уставното име.
„Република Албанија е меѓу првите држави која ја призна независноста на Република Македонија, но под референцата ПЈРМ. Со писмото кое, од името на сите Македонци што живеат во Албанија, го упативме до претседателот Мета, бараме Република Албанија да ја признае Републка Македонија под уставното име“, изјави за МИА претседателот на МД „Илинден“ Никола Ѓурѓај.
Во писмото, додаде Ѓурѓај, потсетуваме дека Република Македонија под уставното име е призната од 133 држави, вклучувајќи ги и трите држави постојани членки на Советот за безбедност, САД, Кина и Русија, а дипломатски односи има воспоставено со повеќе од 170 држави во светот.
Признавањето на нашата матична земја под уставното име, наведе Ѓурѓај, позитивно ќе влијае во унапредувањето на билатералните односи и соработка меѓу двете земји во сите области што е во интерес на двете држави и двата народа, но и на целиот регион и пошироко.
„Меѓу двете соседни и пријателски држави има интензивни политички посети на сите нивоа, економски средби и форуми. Во билатералната комункација и воопшто албанските политичари и медиумите, кога станува збор за Република Македонија, тие ја именуваат со уставното име, што е повеќе од добра основа, тоа и официјално да се направи“, рече Ѓурѓај.