Срамно е што во услови кога македонските национални и државни интереси се атакувани од надвор, кога се негираат македонскиот народ, македонскиот јазик и името на државата, молчи нашата највисока национална научна установа Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), изјави во четвртокот Зоран Илиоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Илиоски ги прозва академикот Таки Фити, што како претседател на МАНУ, едноставно го „снема, молчи и се крие“.
„Да имаше барем грам достоинство ќе застанеше и ќе го одбранеше својот личен углед, угледот на институцијата и угледот на Република Македонија“, му порача функционерот од ВМРО-ДПМНЕ.
Јавноста се прашува, продолжи Илиоски, каков човек е Таки Фити, кога се повлекува и се крие додека некој како директорот на бугарскиот Национален историски институт, јавно му порачува нему и на колегите од МАНУ дека се луѓе кои сакаат само да уживаат и да примаат плати.
„Јавно ги навредува дека знаат за ризикот Зоран Заев да ги избрка од работа сите, ако тргнат против него. Затоа, според Димитров од лични лукративни мотиви велеле секогаш да. Тоа се луѓе – „ќе ми дадеш пари ќе се пишам Бугарин, тоа е многу старо“, заклучува Димитров“, потсети Илиоски на изјавата од претходно седмицава дадена од директорот на Национаниот историски институт во Софија, Божидар Димитров.
Илиоски додаде дека Димитров притоа не се задружува само на оваа навред, туку продолжува да зборува за „украдена историја“ и менување на македонските учебници по историја.
„Цела Република Македонија е револтирана од ваквите јавни омаловажувања на државата, институциите и самиот народ, а Таки Фити мува не го лази. Таки Фити лично може да се согласува или не со тврдењата на Димитров или со најавите дека Заев договорил да се бришат учебници, но како претседател на највисоката научна установа има обврска да ги брани националните интереси. Таки Фити со недели го нема да се произнесе за атакот врз македонската историја, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Сега и кога го прозиваат дека е подготвен за пари да си го промени идентитетот, тој повторно молчи“, порача Илиоски.
Го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека Република Македонија треба да гради добри односи со соседните земји, но во никој случај на штета на идентитетските теми и достоинството и угледот на македонската држава и македонските институции.