Повеќе илјади приврзаници на поранешниот грузиски претседател и подоцна гувернер на украинскиот регион Одеса, Михаил Саакашвили, излегоа во неделата на улиците на украинската престолнина Киев, барајќи смена на претседателот Петро Порошенко.
Полицијата соопшти дека во неделните протести во центарот на Киев учествувале околу 2.500 луѓе, а во украинската престолнина биле ангажирани 3.000 полицајци, но и поради одржување на разни манифестации по повод годишнина од настаните на Мајдан со кои започна уривањето на претседателот Виктор Јанукович.
Слични собири со коишто се бара заминување од власт на претседателот Петро Порошенко биле одржани и во западниот и во централниот дел на Украина, а по неколку стотици демонстранти се собрале во Л’вов и во Одеса.
На протестите повика Саакашвили, кој е обвинет дека сакал да изведе државен удар, поради што минатото лето додека не беше во земјата му беше одземено украинското државјанство, а откако потоа во земјата влезе нелегално, на 12-ти февруари беше протеран во Полска.
Претседател на Грузија девет години до 2013 година, Саакашвили по покана на украинскиот претседател Петро Порошенко се пресели во Украина по тамошниот државен преврат поддржан од Западот, и беше регионален гувернер од 2015 до 2106 година во Одеската област, населена претежно со руско и рускојазично население којашто е под контрола на силите лојални на Киев. Таа позиција ја напушти по кавгата со Порошенко, кого го обвинува за раширената корупција во Украина.
Саакашвили ги предводеше протестите и повикуваше на соборување на украинскиот претседател Петро Порошенко и на парламентот, кои ги оббвинува дека не сториле доволно во борбата против корупцијата.
Обинителството, меѓу другото, го обвинува Саакашвили кој беше западен сојузник во Грузија, дека помагал криминална организација. Дури е обвинет дека наводно примил пари и од поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, во чиешто соборување со помош на Западот учествуваа и грузиски платеници, за наводно да организира државен преврат. Доколку се утврди вината на Саакашвили, би можел да добие до пет години затвор.
Некогашниот негов сојузник, украинскиот претседател Порошенко му помогна на Саакашвили да дојде во 2015 година во Украина и да стане гувернер на регионот Одеса на Црното Море, со мнозинско рускојазично население. По година и пол Сакаашвили поднесе оставка на должноста, обвинувајќи го Порошенко за вкоренета корупција и барајќи негова оставка.