Илјадници војници и полицајци во операција против бандите во фавелите на Рио

Околу пет илјади полицајци и војници во саботата со поддршка на хеликоптери започнаа операција против вооружените банди во неколку фавели на бразилскиот мегалополис Рио де Жанеиро, соопшти министерството за државна безбедност во истоимената бразилска сојузна држава.

Акцијата следеше по низата кражби на стоки од товарни камиони. Поради спречување на поголемо насилство пред една седмица беа мобилизирани околу 10.000 луѓе, од кои 8.500 полицајци.

Операциите се изведени во неколку фавели познати по жестокото насилства, меѓу кои една во западниот и една во северниот дел од Рио, кои важат како вистински бастиони на бандите. Издадени се 40 барања за апсења, изјавил за AFP портпаролот на министерството.

Радиото CBS извести дека во фавелата во Линс се слушале истрели, како и дека во фавелата Сао Жоа во судирот со полицијата е убиено едно лице. Овие две фавели во коишто во голема беда живеат речиси четвртина од жителите на Рио де Жанеиро се наоѓаат во северниот дел на градот.

Пред осум дена бразилскиот претседател Мишел Темер ја потпиша одлуката со којашто се дозволува „распоредување на вооружените сили во Рио де Жанеиро“ коишто таму ќе се спротистават на организираниот криминал. Веднаш распореди 10.000 војници и полицајци.

Саботната операција е втората фаза од мобилизацијата на воените и полициски сили во државата која последните неколку седмици ја потресуваат бројни напади, насилства, кражби на камиони и убиства.

Во првата половина од оваа 2017 година во Рио се регистрирани најмногу насилства од 2009 година. Според официјалните податоци, евидентирани се 3.457 убиства, 15 отсто повеќе отколку во истиот период од минатата 2016 година.