Американскиот претприемач и најбогатиот човек на планетата Илон Маск уште еднаш ја поддржа германската десничарска партија Алтернатива за Германија (AfD) во авторски текст за германскиот весник Welt am Sonntag објавен на интернет во саботата, а уредничката на рубриката поднесе оставка во знак на протест.
Во коментарот објавен на германски од водечкиот весник на медиумската групација „Axel Springer“, Маск ја прошири својата објава на платформата Х од минатата седмица во која изјави дека „само AfD може да ја спаси Германија“.
„Екстремно десничарскиот приказ на AfD е очигледно лажен, имајќи предвид дека лидерката на партијата Алис Вајдел има истополov партнер од Шри Ланка! Ви звучи ли тоа вам како Хитлер? Па ве молам!“, напиша Маск кој ја поддржуваше кампањата на новоизбраниот републикански американски претседател Доналд Трамп и се вбројува меѓу личностите кои ќе имаат силно влијание во идната администрација во Вашингтон.
Во 2021 година, разузнавачка агенција на Германија ја класифицираше AfD како екстремна на национално ниво, под притисок на етаблираните партии кои се најдоа засегнати од подемот на AfD. Изминатите две години партијата е обвинувана за одржување тесни контакти со властите во Москва и Пекинг, демонизирана во западните земји.
Набргу по објавувањето на статијата на интернет, колумнистката Ева Мари Когел на Х напиша дека поднела оставка.
„Демократијата и новинарството напредуваат преку слободата на изразување. Ова вклучува справување со различни гледишта и нивната новинарска класификација“, изјавија за Reuters главниот уредник на весникот Јан Филип Бургард и Улф Пошарт, кој ја презема функцијата издавач на 1 јануари.
Маск го бранеше правото да влијае на германската политика поради неговите „значајни инвестиции“ и ја поддржа AfD пред парламентарните избори на 23-ти февруари следната година, кои следат по падот на коалициската влада на канцеларот Олаф Шолц.
AfD е втора во анкетите и би можела да ја спречи централнодесничарската или левиот центар да добијат мнозинство, но главните партии во Германија ветија дека нема да соработуваат со AfD на национално ниво.
AfD се етаблира како втора најсилна политичка партија во Германија на сојузно ниво од минатата година во повеќе истражувања на јавното мислење. На повеќето покраински избори eсенва анализите покажуваа и дека AfD била особено успешна во источните делови од Германија и кај помладите гласачи. Во групата од 16 до 24 години оваа партија освоила 17 отсто од гласовите.
И покрај падот на популарноста поради бројните скандали со нејзините политичари, хајката во мејнстрим медиумите и ставањето на големи нејзини делови под следење и опсервации на безбедносните служби и барањата на етаблираните партии за нејзина забрана, AfD успеа да профитира од незадоволството на граѓаните од работата на коалициската влада. AfD, исто така, имаше полза и од убедувањето на многу гласачи дека Унијата на CDU/CSU, исто така, нема да водеше подобри политики доколку беше на власт губејќи ја својата конзервативна и десна политичка ориентација.
Партијата AfD се појави пред десет години со противење на еврото а доби популарност во текот на мигрантската криза во 2015-та и во германскиот парламент Бундестагот првпат влезе во 2017-та, а со којашто главните традиционални партии во Германија одбиваат да соработуваат критикувајќи ги нејзините радикални ставови.
Политичките аналитичари сметаат дека ѝ одат во полза стравувањата на граѓаните во врска со рецесијата, големата миграција и зелената транзиција, а на сојузните избори во 2025 година има намера и да истакне свој ткн „шпицен-кандидат“, односно кандидат за канцелар. Партијата особено го зајакна својот рејтинг на просторот на поранешната комунистичка Источна Германија, а анкетите упатуваат на тоа дека може да оствари победа во три источни сојузни покраини следната година.