Доналд Трамп размислува да го избере милијардерот и претприемач Илон Маск за политички советник, доколку републиканскиот претседателски кандидат повторно ја освои Белата куќа на изборите во ноември, објави во средата весникот The Wall Street Journal (WSJ), цитирајќи луѓе запознаени со разговорите.
Двајцата разговарале за начините на коишто Маск, кој раководи со социјалната платформаа X, и компаниите „SpaceX“ и „Tesla“, ќе има „формален придонес и влијание“ врз економските и безбедносни политики на границите, објави WSJ.
Се наведува дека Маск, чиишто политички ставови последните години се приближуваат на републиканските, наводно го информирал Трамп дека води кампања за да ги убеди моќните американски бизнис челници да не го поддржуваат демократскиот претседател Џо Бајден, кој го победи Трамп на изборите во 2020 година, за што републиканецот сѐ уште инсистира дека биле изборна измама со која му е украдена победата, и исто така бара втор мандат.
Според WSJ, Трамп и Маск разговарале и за финансирање на „проект за спречување на измама на гласачите“.
Претставниците на Трамп и Маск не одговориле веднаш на барањата на Reuters за коментар, ниту, пак, претставниците на кампањата на Бајден.
Портпаролот на кампањата на Трамп, Брајан Хјуз, изјавил за WSJ дека само Трамп ќе одлучи „каква улога ќе има одреден поединец во неговото претседателствување“.