Илон Маск првпат ја предводи листата на најбогатите на Forbes

Американскиот претприемач и основач на компаниите „SpaceX“ и „Tesla“, Илон Маск, се најде на врвот на годишната листа на најбогатите луѓе на планетата според магазинот Forbes, сменувајќи го Џеф Безос, основачот на онлајн продавницата „Amazon“ кој на оваа позиција беше четири години со ред.

Според пресметките, богатството на Маск пораснало за 45 отсто во текот на една година на 219 милијарди долари. Безос, пак, во истиот период загубил шест милијарди долари, а неговото богатство во моментов е проценето на 171 милијарда долари. Првата тројка најбогат луѓе на светот ја зоакружува Бернар Арно, претседател на групација „Louis Vuitton Moët Hennessy“, со 158 милијарди долари.

На четвртото место е основачот на „Microsoft“, Бил Гејтс, чиешто богатство се проценува на 129 милијарди долари, а Ворен Бафет, челникот на холдингот „Berkshire Hathaway“ е проценет на 118 милијарди долари. Сопственикот на „Meta“ (Facebook), Марк Цукерберг, паднаа од петтото на петнаесеттото место, загубувајќи речиси 30 милијарди долари за една година, па неговото богатство сега се проценува на 67,3 милијарди долари.

Од Forbes забележуваат дека во изминатите 12 месеци, вкупното богатство на 2.668-те милијардери на планетава се намалило на 12,7 трилиони долари. Притоа 329 лица испаднале од милијардерското друштво, што е најмногу од кризата во 2009 година. Истовремено, поп-пејачката Ријана и режисерот на „Господарот на прстените“, Питер Џексон, влегоа во рангирањето на најбогатите луѓе за оваа година.

САД и натаму имаат најголем број милијардери – 735, потоа Кина – 607, Индија – 166, Германија -134 и Русија има 83 милијардери.