Поранешниот американски претседател Доналд Трамп и републикански кандидат на овогодинешните претседателски избори, го изведе технолошкиот милијардер Илон Маск на бината во саботата во текот на предизборниот собир во Батлер, во сојузната држава Пенсилванија, местото каде што беше убиен во средината на јули и беше полесно повреден.
Во своето обраќање до илјадниците собрани следбеници на Трамп, Маск повтори многу од тезите што ги користеше поранешниот американски претседател и неговиот кандидат за потпретседател ЏејДи Ванс во нивната кампања.
Технолошкиот претприемач кој ги лансираше вредните компании „Tesla“ и „Space X“ и ја купи социјалната платформа X (поранешен Twitter) ги нарече претседателските избори на 5 ноември „најважните избори во нашиот живот“.
„Другата страна сака да ви ја одземе слободата на говорот. Тие сакаат да ви го одземат правото да носите оружје“, им рече Маск на толпата, додавајќи: „Тие сакаат да ви го одземат правото на глас“.
На претходниот собир во Батлер, 20-годишниот Томас Крукс од Пенсилванија го застрела поранешниот претседател на 13 јули, ранувајќи го во десното уво и убивајќи го пензионираниот пожарникар Кори Комператоре. Атентаторот, за чие присуство присутните ги алармирале агентите на Тајната служба и полицијата, беше убиен од безбедносните сили. Сѐ уште не се разјаснети мотивите на младиот маж и особено како успеал вооружено подолго време да биде во заседа на само стотина метри воздушна линија од бината од која се обраќаше Трамп.
„Претседателот Трамп мора да победи за да го зачува Уставот. Мора да победи за да ја зачува демократијата во Америка“, рече Маск. „Ако не го стори тоа, ова ќе бидат последни избори. Тоа е моето предвидување“, додаде Маск.
Веднаш по обраќањето тој објави соопштение на Х.
„Ова се најважните избори во вашиот живот. И остануваат само два дена да се регистрирате да гласате во Аризона и Џорџија. Осигурајте се дека секој што ги знаете и кои го среќавате да се регистрираат да гласаат. Судбината на нашата земја е ставена на коцка“, порача Маск алудирајќи на двете од таканаречените „колебливи“ сојузни држави кои значително влијаат врз конечниот исход на претседателските избори во САД.
Во жестоката кампања против поранешниот претседател, Трамп беше обвинет од демократите и многу републиканци од ткн неоконзервативно крило, дека наводно сака да го поткопа Уставот и волјата на американските гласачи обидувајќи се да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година, на кои загуби од Џо Бајден но тој и ден денес ги предочува дубиозите и неправилностите на изборите и тврди дека му е украдена победата.
Маск, кој често промовира теории на заговор кои никогаш не се демантирани и долго време го поддржува Трамп, редовно ја критикува противничката на Трамп, актуелната американска потпретседателка Камала Харис.
Трамп неодамна навести дека Маск би можел да предводи комисија за ревизија на финансиите на САД доколку победи на изборите „Маск треба да ги намали државните трошоци“, рече Трамп.