Има или не свинска чума кај дивите свињи?

Агенцијата за храна и ветеринарство го демантира известувањето од ,,Македонски шуми“, ПСШ Демир Капија, испратено до собирачите на други шумски производи,  во кое се тврди дека во  Македонија  е потврдена појавата на опасната заразна болест Африканска свинска чума кај диви свињи.

Во извесувањето на „Македонски Шуми“, до собирачите на други шумски производи, стои дека доколку наидат на угинати диви свињи во шумите, задолжително да го пријават случајот во шумочуварската служба на „Македонски Шуми“, до ловните друштва или до ветеринарните станици.

Од АХВ, пак, бараат одговорното лице во ова јавно претпријатие да ја демантира ваквата дезинформација.

Како одговорна институција ја информираме јавноста дека во Република Македонија во моментов нема појава на болеста Африканска чума кај свињите, ниту во фармите, ниту кај популацијата диви свињи.
Состојбата со болеста во соседството и во другите земји каде е потврдено нејзиното присуство од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство будно се следи на дневна основа и доколку има нејзина појава и кај нас, Агенцијата навремено ќе реагира и ќе ја информира јавноста“, соопштуваат од АХВ.

 

Оттаму апелираат до лицата кои собираат шумски производи, или други лица кои по кој било основ ќе најдат мрша од дива свиња, за тоа да го известат надлежниот официјален ветеринар од Агенцијата за храна и ветеринарство или најблиското ветеринарно друштво.

Во соработка со фармерите Агенцијата активно работи на зајакнување на биосигурносните мерки на свињарските фарми со цел спречување на појава и ширење на оваа болест кај нас, а во тек е и реализацијата на активностите за спроведување на попис на свињарските фарми.
Бидејќи болеста е потврдена во соседна Бугарија, но и во други земји од Европа и регионот, на сила се решенијата за забрана за увоз од земјите каде е потврдено  присуството на болеста. Донесено е и Решение  за воведување на безбедносни мерки во однос на болеста Африканска чума кај свињите со кое на сточарите кои одгледуваат свињи им се наложи преземање на безбедносни мерки на фармите, стои во соопштението.

За рано откривање, спречување и контрола на Африканска свинска чума во фармите и во природата и за подигнување на свеста за оваа болест, со поддршка на Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации – ФАО, Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство од идната година ќе работи на реализација на проект за подигнување на свеста за болеста Африканска свинска чума кај ветеринарите, шумарските служби, свињарските фарми, фармерите и ловџиите.