Има класични злоупотреби во правосудството, во спрега се судовите, извршителите и нотарите, посочи Велјановски

„Имаме една галопирачка сиромаштија и инфлација која расте. Прагот на сиромаштијата апсолутно се зголемува и сета таа тежина паѓа врз граѓаните“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски во вечерашното гостување во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.

Тој потенцираше дека постојат злоупотреби на сите страни, особено во спрегата помеѓу судовите, извршителите и нотарите. Оценка за состојбите во правосудството даваат сите релевантни институции и организации како Стејт Департментот, извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија и ДКСК каде цело време се алармира дека имаме класични злоупотреби во правосудството кои подолг период не се решаваат.

„Граѓаните се соочуваат со неможност да ги платат своите, а покрај тоа се соочуваат и со извршни долгови. И во извештајот на народниот правобранител за 2021-ва година видовме голем број претставки од областа на правосудството делот извршувањето“, рече Велјановски.

Според него, Министерство за правда согласно Законот за извршување има право на надзор на работата на работата на извршителите кои при доставувањето на извршни исправи прават злоупотреби со цел да наплатат поголеми каматите од нивните трошоци.

„Министерството за правда прво треба да си ја сработи својата работа и да провери дали извршителите работат согласно закон, колку редовни и вонредни надзори има извршено министерството за правда“, кажа Велјановски.