Од вкупно тројца питалоти со кои располагала Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ) за управување со авионите за гасење пожар, оваа година остана само еден. Причината за тоа е што двајца пилоти во јануари ги исполниле условите за пензија, па на работа останал само еден пилот. Ова лето, справувањето со шумските пожари ќе биде сериозен предизвик, изјави директорот на ДЗС, Беким Максути за новинската агенција МИА.
Тој додаде дека во последните години Дирекцијата се соочува со критичен недостиг на квалификувани пилоти, ситуација која сериозно го загрозува функционирањето на институцијата и способноста да реагира во време на кризи.
„Правиме напори, да видиме како може нив да ги задржиме, барем уште оваа година, сѐ со цел во меѓувреме да примиме нови пилоти, односно да распишеме нови огласи за пилоти, за кои веќе имаме согласност и чекаме да се завршат некои процедури за да може да го објавиме огласот“, вели Максути.
Доколку Владата не го сфати сериозно овој проблем, директорот вели дека се доведува до прашање и постоењето на авио-одделението во Дирекцијата за заштита и спасување. Максути посочува дека ако набрзо не вработат пилоти, може да им биде одземена лиценцата со што авионите ќе останат принудно приземјени.