Има загинати во напад врз православна црква во Газа, објави архиепископот Алексиос Тиберијадски (Тивероплоски) за грчката јавна телевизија ERT, пренесува НетПрес.
Тој изјави дека има жртви во удар врз грчката православна црква во палестинската енклава Појасот Газа којашто е под опсада и одмазнинички удари по смртоносниот напад од 7-ми октомври на исламистичкото палестинско движење Хамас во јужен Израел.
Првичните неофицијални информации велат дека најмалку осум цивили загинале во нападот на православната црква. Доцна ноќта во четвртокот имаше извештаи дека грчката православна црква на Свети Порфириј во Појасот Газа е разурната во израелско бомбардирање.
„Ги погодија канцелариските простории и влезот во манастирот. На нив беше истрелана ракета и целата зграда е разурната. Внатре имаше многу христијани, од кои многумина се ранети, а имаме и смртни случаи“, изјави епископот кој ја посетил бомбардираната црква.
„Треба да бидат донесени булдожери за да видиме колку луѓе има под урантините“, изјави епископот додавајќи дека во манастирот биле згрижени околу 400 луѓе.
Министерството за внатрешни работи во Појасот Газа која е под контрола на Хамас, соопшти дека има мртви и ранети меѓу засолнатите во црквата, пренесува ERТ.
Според поратлот Naftemporiki, кој се повикува на извори блиски на црквата, под урнатините се наоѓаат десетици луѓе, како и дека изворите „говорат за можно загинување на десетици Палестинци под урнатините“.
Очевидци изјавија за AFP дека се чини дека нападот бил насочен во близина на храмот, каде што многу жители на Газа се засолниле додека беснее војна во палестинската енклава.
Катарската телевизија Al Jazeera објави дека нападот се случил во црквата Свети Порфириј, и дека најмалку осум лица загинале.