Има повеќе судења од работни денови, констатираат адвокатите на Јанакиески и бараат проретчување на рочиштата

Против нашиот клиент Миле Јанакиески пред Основниот Кривичен суд Скопје во моментов се водат 7  кривични постапки, нешто што не е забележано како пример во правосудството во Македонија од 1944 година до сега.  Поради ваквата ситуација во неколку наврати нашиот клиент со поднесок се обрати до претседателот на Основниот Кривичен суд Скопје како и судечките совети во Судот со кој побара разбирање и надминување на проблемот со секојдневното закажување на рочишта кој се провлекува веќе подолг временски период а кој проблем сериозно задира во основните човекови права, се вели во писмото од адвокатите Еленко Миланов, Александар Новаковски, Донче Наков, Димитар Дангов и Сања Алексиќ.

Писмото е упатено до членови на судски совет, кривичен суд, дипломатски претставништва, медиумите и невладините организации со цел да укажат за правично и правилно утврдување на распоредот на судење за наредниот период за да се овозможи ефикасна одбрана на обвинетиот Јанакиески.

– Јанакиевски во седум  предмети се јавува како обвинет покрај други лица, а само еден од овие предмети по својата процесна природа е итен со оглед дека за предметот познат во јавноста ,,Шпански скали’’ КОК бр. 30/20 изречна е мерка куќен притвор која ја издржува од  28.06.2019 година но за жал самиот предмет е на самиот почеток. Мерката куќен притвор дополнително ја отежнува комуникацијата со нашиот клиент за подготовка на самите рочишта – велат адвокатите на Јанакиески.

Тие укажуваат дека рочишта за Јанакиески во октовмври се закажани речиси секој ден, а дури во некои денови има и по две рочишта. Според нив, ова предизвикува реален проблем за подготовка на одбраната. Поради ова Јанакиески во септември, кога имал судења секој работен ден, се обратил со поднесок до председателот на Основниот Кривичен суд и судечкиот совет со молба да се надмине ваквиот проблем при закажувањето на рочиштата за октомври и да се обрне внимание на кривичниот предметот каде е изречена мерка куќен притвор.

– Правото на одбрана е ограничено и поради фактот што нашиот клиент ја издржува мерката притвор речиси 2 година, а само за предметот „Шпански скали“ е во притвор од јуни 2019 година. За жал и за октомври динамиката остана иста дури за некои денови се закажани и по две рочишта, а од друга страна за предметот по кој е определена мерката куќен притвор воопшто нема закажано рочиште – велат адвокатите.

Тие информираат дека за ниту еден предмет кој се води против Јанакиески нема опасност за застарување и дека со ваквата динамки само се оневозможува нудење на квалитетна одбрана.  Кривичниот суд при правење на ваков распоред треба да го има предвид фактот дека македонските судови согласно закон треба да ја почитуваат праксата на ЕСЧП што било укажано и во писмото кое го испратил Јанакиески.

– Бидејќи има закажано повеќе рочишта одколку работни денови истакнуваме дека во октомври, од 21 работен ден закажани се 7 рочишта по предметот „Траекторија“ кој по својата процесна природа не е итен бидејќи во истиот нема изречена мерка притвор за ниеден од обвинетите ниту можно е застарување на делата а од друга страна по предметот „Шпански скали“ нема закажано ниту едно рочиште . Ние и нашиот клиент сме свесни  за притисокот на јавноста во посочените предмети, но тоа не може да биде оправдување за ваквиот однос кон Нашиот клиент како обвинет и повреда на неговите елементарни права во оваа својство, бидејќи правото на судење во разумен рок не може да се злоупотребува на сметка на  повреда на правото на фер судење и правото на ефикасна одбрана. Впечатокот кој се создава и кај нас и во јавноста е дека ваквото постапување го прејудицира и исходот на постапките. Мора да го напоменеме и фактот дека со секој нареден поднесок кој се доставува до Судот по однос на надминување на овој проблем, за жал работите дополнително се влошуваат т.е се интезивира закажувањето на рочиштата, поради и што се одлучивме на овој чекор да се информира мегународната заедница како и невладините организации. Во оваа прилика сакаме да го потенцираме и фактот дека најголем дел од предметите се во фаза на распит на сведоци и се случува во еден ден да има закажано распит на 20 сведоци за два различни предмети или во една недела да треба да се врши распит на над 50 сведоци за различни предмети што со ваков интензитет на закажување на рочишта за различни кривични предмети е невозможно да се спрема темелна и квалитетна одбрана – велат адвокатите на Јанакиески.