Откако Дамир Пешталиќ, имам од Сребреница, одбил да патува во Англија бидејќи на свештеникот од српската православна црква, Александар Младеновиќ и другите членови на делегацијата од српска националност им била скратена визата за заедничкото патување, оваа приказна стана тема број еден во овој босански град.
Овој град во република Српска стана симбол на страдање на босанскиот и српскиот народ, е средината во која последните неколку денови на големо се зборува за солидарноста и хуманоста на локалните верски поглавари. Иако раните се уште се свежи, а многумина токму Сребреница ја користат за да ја обвинат спротивната страна, на потегот на сребреничкиот имам никој не остана рамнодушен.
Младеновиќ го поздравува потегот на Пешталиќ и наведува дека многу британски дипломати и претставници од цивилното општество доаѓаат во БиХ да не „учат“ на толеранција и соживот, а дека овој пример покажува дека тие треба да учат од нас.
-Тоа што имамот Пешталиќ го сторил е чин на човечност. Ова патување требаше да биде мултиетнички проект со желба да покажеме дека можеме заедно да живееме. Народите во Сребреница и нашите верски заедници никогаш немале меѓусебни проблеми. Од друга страна, остануваат големите проблеми во оваа локална заедница, поедници, а морам да кажам и претставници на локалната власт во оваа општина, чинам, прават се за да поттикнат меѓунационални тензии, вели Младеновиќ.
Имамот од Сребреница вели дека е изненаден од одлуката само дел од групата од Сребреница да добие виза за Велика Британија. Истовремено додава дека воопшто не се двоумел кога одлучил да не патува без своите сограѓани од српска националност.