Имам лично разбирање за оваа акција на граѓаните и тука не треба да имаме никаква дилема, бидејќи од самиот почеток зборувам за однесувањето на поединци во овој бизнис и дека на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат високи профити. Институциите, пазарните инспекторати ја следат ситуацијата и навремено реагираат.
Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на повикот на бојкот на маркетите во петок, кој се шири по социјалните мрежи.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение обзнани дека ја поддржува иницијативата за бојкот на маркетите.
-Сигурни сме дека институциите активно ќе се спротивстават на забеганоста на дел од маркетите и состојбата во која без никаков индикатор кој предизвикува инфлација тие нечовечно да ги зголемуваат цените и да учествуваат директно во зголемување на сиромаштијата богатејќи се на грбот на граѓаните преку уцена и монопол и општествено неодговорен однос. Истовремено за очекување е владата да подготви сет на мерки како за контрола на растот на цените, да ги истражи овие однесувања на маркетите дали низ годините наназад до денес правеле злоупотреби, даночни ескивирања или други прекршувања на законите и истовремено да ја засили контролата врз нивната работа. Ова дивеење на маркетите мора да престане, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека нема никаква економска причина надвор од своеволноста на трговците, која тоа го оправдува освен голиот профит на грбот на граѓаните.
-Ваквите навики на трговците толерирани од претходните влади доведоа до тоа во државава да се зголемува сиромаштијата, а на сметка на тоа да се богатат 5-6 сопственици на маркети преку нереални зголемувања на цените и злоупотреба на позицијата во општеството, се наведува во соопштението на партијата.