На денешната трибина „Ценовен шок, сиромаштија и неспособна влада“, свое обраќање имаше Елена Маркова, претседател на комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ. Таа истакна дека Македонија е во енергетска катаклизма и имаме намалување на домашното производство на електрична енергија и капацитети кои се во лоша состојба, а во време на скапа струја кога сите енергетски компании во светот заработуваат, ЕЛЕМ е загубар.
„Би се задржала во енергетската катаклизма во која се најде Македонија. Ако направиме една ретроспектива од 2020 август до декември 2021 имаме некаде околу 30 проценти зголемување на цената и плус укинувањето на дневната евтина тарафа. Тоа е проблем на сите граѓани и целото стопанство. Најстрашен проблем од се е што нашето домашно производство на нашата државна компанија за производство на електрична енергија е можеби најголем загубар во земјата. Официјалните податоци се загуба акумулирана во 2020-та, и во 2021, 30 милиони евра. Парадоксот е значи во време на скапа електрична енергија, во време кога сите енергетски компании во државни во светот произведуваат електрична енергија и добро заработуваат за жал нашата компанија е загуба“ нагласи Маркова.
Маркова додаде и дека во Македонија практично имаме намалено домашно производство на струја, а во јавноста се пласира тезата дека нашата државна електро енергетска компанија се грижи и ја одржува цената и води сметка за граѓаните.
„Имаме практично намалено домашно производство, а во јавноста се пласира тезата дека нема никаков проблем. Ако домашното производство на ЕСМ во 2019 година било 4.200 гигават часови, 2020 опаднало на 3.600 гигават часови, 2021 година 3.200 гигават часови. Ова се бројки кои што потврдуваат дека Македонија е буквално во енергетска катаклизма“ истакна Маркова.
Таа истакна и дека производството на електрична енергија е намалено бидејќи е намален ископот на јаглен, ресорот за производство на електрична енергија а власта лошо се грижи за одржување на капацитетите за производство.
„Наместо сега да произведуваме и да го спасуваме стопанството и граѓаните, се намалува производството, се намалува практично евтината електрична енергија. Прашање е зошто, а одговорот е многу едноставен. Ресурсот од кој што ја добиваме електричната енергија, ископот на јаглен, не е на она ниво на кое што треба. Сега се прават напори да влезе ТЕЦ Неготино во систем да се набави мазут, па да се набави јаглен за да влезе и ТЕЦ Осломеј во систем, значи веќе онаа зелена енергија за која што беа поборници во 2019, како да ја подзаборавија“ нагласи Маркова.