Имаме мнозинство за именување на новите министри, собирот на АА во Куманово не беше легитимен, изјави Незири

Координаторот на пратеничката група на Алијансата за Албанците, Аднан Незири на денешната прес-конференција во Собранието истакна дека имаат обезбедено мнозинство за гласање на новите министри за здравство и информатичко општество и администрација, Илир Демири и Наим Бајрами на местото на досегашните министри Азир Алиу и Фатмир Меџити.

-Да, имаме мнозинство и ова работа денеска ќе биде завршена, рече Незири и посочи дека целата процедура ќе зависи од обраќањата на пратениците.

Коментирајќи го вчерашниот собир на Алијансата за Албанците во Куманово свикана од претседателот Арбен Таравари, Незири нагласи дека тој собир не бил легитимен врз основа на Статутот на партијата. Потенцира дека од информациите кои ги поседуваат на вчерашниот состанок имало помалку од 40 членови, а не 75 членови како што кажаа вчера на состанокот.

-Тие не се реални, затоа што и тој настан не беше Собрание, се знае врз основа на Статутот тоа може да го свика претседателот на Собранието на партијата и има рок од седум дена. Легално, Собрание на Алијансата за Албанците ќе биде свикано за в сабота во 13 часот во Скопје. Тоа е и процедурално врз основа на Статутот и правните процедури, рече тој.

Незири нагласи дека партијата не е поделена, туку претседателот на партијата е поделен од партијата, затоа што неговата комуникација не била врз основа на процедурите и правилата што се бараат во партијата.

-Не се зборува за печат, тоа е техничка работа. Партијата има органи и тие не беа почитувани, затоа што комуникација врз основа на статус на Фејсбук не е реална комуникација што треба да се реализира врз основа на Статут и други обврски што ги има претседателот на партијата. Во Централното претседателство имаше една одлука од партијата за која требаше тој да контактира и врз основа на тие потребни реални процедури се носат некои работи, а не преку Фејсбук. Партијата не комуницира со Фејсбук статус, рече тој.

Според Незири, нема да има две Алијанси, заради тоа што ќе има Централно претседателство и на тоа ќе се одлучува дека има само една Алијанса, а грешката што ја направил претседателот е обврска на тој што треба да дава отчет.

На новинарско прашање дали на утрешното Собрание ќе бараат од Таравари да даде оставка, Незири рече, тој треба да присуствува како член на партиското собрание и да даде отчет. Ако не дојде утре, тоа ќе биде на негова одговорност и посочи дека тој има обврска да присуствува оти е член на Собранието на партијата.

Крилото на Таравари вчера одржа консултативен состанок на Централното собрание во Куманово. По завршувањето на состанокот Блерант Рамадани изјави дека 75 претставници на партиското тело му дале поддршка на Таравари за коалиција со албанската опозиција.

Во изјавата Рамадани потсети на иницијативата иницирана од претставници на централното собрание каде преку декларација му се дава поддршка на претседателот Таравари за коалиција со албанските политички партии, со цел ДУИ да биде опозиција.