Именувањето врвни професионалци не е својствено за актуелната власт

Поставувањето врвен професионалец на чело на Министерството за внатрешни работи без ниту една дамка во кариерата не е природна средина за челниците на актуелната власт, а на Македонија насушно ѝ се потребни професионалците кои актуелната Влада ги става на маргините, реагираше во неделата на својот фејсбук профил, челникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Наместо ова да биде правило во нормална држава, ваквиот предлог се доживува за исклучок, и затоа е голем отпорот во власта. А она што насушно и треба на Македонија е професионалците кои оваа влада сега ги става на маргините, да им се даде шанса да ги превземат работите во свои раце“, пишува во својата реакција Мицкоски.

Во саботата Мицкоски, по средбите со челниците на владејачките СДСМ и ДУИ во саботата, Зоран Заев и Али Ахмети, не го соопшти името на предлогот за технички министер за внатрешни работи во преодната влада која ќе ги спроведе предвремените парламентарни избори на 12-ти април, но подоцна се дозна дека станува збор за полковникот на АРМ, Драган Ковачки, зад кого е беспрекорна професионална кариера и дообразование на престижни военообразовни центри на НАТО членките. И додека за Ахмети, без да го открива името на предложениот кандидат, рече дека станува збор за докажан професионалец кој не бил познат како политички активист во цивилниот живот, за неговиот коалициски партнер Заев постоела дилема дали тоа именување би било уставно.

Потоа следеше лавина од реакции во јавноста, особено поради тоа што најмалку пет пати досега била прекршена споменатата уставна одредба и немало никакви реакции, особено не од страна на СДСМ.

„Фактите говорат дека оние кои се огрешиле спрема законот се плашат од професионалец кој ќе ги открие, разобличи и ќе се бори против нив.
Заев и СДСМ очекува решение за човек кој мислат дека ќе го држат во рака за да продолжат со нивните комбинации. А ние со ваков предлог сакаме да направиме дисконитнуитетво хаосот кој Заев и Спасовски со лошото менаџирање во МВР го создаде во државата, дисконитнуитет на рекетите под државна капа, клановите блиски до власта кои спроведуваат криминал, дисконтинуитет на бандитизмот кој се шири низ улиците, заплените автомобили, дрогата која е на секој чекор. И ВМРО не отстапува од борбата против сево ова“, вели опозицискиот лидер.

Мицкоску истакнува дека за него е многу поважно од тоа да се избере решение кое ќе му се допадне на Заев, е предложената личност да се бори против криминалците и да ѝ служи на Македонија.

„Благодарност до сите кои се јавија и изразија поддршка за нашиот пристап. За решение кое е без ниту една црна дамка, што и највеќе ги плаши криминалните од власта. Тоа пак ме охрабрува да продолжиме со нашата заложба за борба против корупцијата, криминалот и мафијата која е спрега на политика, криминализиран дел од полициското подземје и бандитите на улиците кои одработуваат за власта. ВМРО-ДПМНЕ и јас како нејзин претседател верува во професионалците кои се дел од нашите институции, во чесните луѓе кои се разочарани од оние кои гледаат на политиката низ призма на само личен интерес и воедно имаат надеж дека доаѓаат луѓе кои ќе се борат за да сето ова го променат и да вратат ред и поредок во државата. Тоа се храбри луѓе кои ќе бидат мобилизирани и затоа стравот кај многумина од овие криминални структури е очигледен“, додава Мицкоски.

Појаснува и дека токму затоа и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи е споменатиот Ковачки, зашто, како што оценува Мицкоски, тој  ќе работи со тие професионалци и храбри луѓе кои не се плашат, и ја сакаат Македонија затоа што немаат резервна држава и се надвор од клановските врски меѓу подземјето и политиката.

„И знам дека вакво едно решение ја избезумува власта и нејзините перјаници кои треба да знаат дека допрва ги чека главоболка пропорционална со степенот со кој се огрешиле спрема законите и народот на Македонија. Затоа ја повикувам Власта да не ги одложува работите, кочењето на професионалец за МВР, нема да го избегне неминовниот пораз, туку ќе го зголеми“, порачува Мицкоски.

Повикува власта да не ги одложува работите, кочењето на професионалец за МВР, поради, како што вели, сознанието дека ќе ги загубат изборите што ги прави нервозни.

Вистината зошто го оспоруваат нашиот предлог за технички министер за Внатрешни работи треба да се бара во истата причина зошто претходно пуштија над сто закони во Собрание, повеќето за заштита на личните и лукративни интереси на врхушката на власт, или пак во тоа што го одбија предлогот за превремена ратификација на протоколот за членство во НАТО. Сето ова е само алиби, а вистината лежи во сознанието дека ќе загубат на изборите и тоа ги прави нервозни и тогаш најмногу грешат, се плашат, галамат, даваат отпор кон она што е неминовно. А народот ги чека да им го даде црвениот картон и не е прашање дали ќе паднат, затоа што ним им се бројани деновите во политиката“, заклучува Мицкоски.