Доселеник од Тунис жестоко се пресметал со брачна двојка пензионери во австрискиот град Линц, во сојузната земја Горна Австрија, поради нетрпеливоста кон десничарската Слободарска партија на Австрија (FOeP), соопшти во саботата вечерта австриската полиција.
Убиството 54-годишниот доселеник го извршил во петокот вечерта, а потоа самоволно се предал во полицијата. Во текот на сослушувањето тој изјавил пред иследниците дека внимателно го испланирал злосторството бидејќи сметал дека двојката ја поддржува десничарската партија и оти наводно не ги сакаат доселениците. Муслиманскиот имигрант рекол дека со години се чувствувал обесправен од австриското општество и за своите проблеми ги обвинувал популистичките политичари, пренесува јавниот сервис ORF.
Двапати седмично доселеникот по потекло од Тунис на повозрасната двојка ѝ доставувал продукти од продавницата на неговата сопруга. За време на последното доставување прво ја задушил 85-годишната жена која имала доверба во него, потоа безмилосно со нож го заклал нејзиниот 87-годишен сопруг, а подоцна ги запалил нивните тела.
Од полицијата истакнале дека Тунижанецот живеел во Австрија од 1989 година, бил женет за Австријка, којашто по склучување на бракот преминала во ислам.
На ова невидено за Австрија свирепо злосторство жестоко реагираше канцеларот Кристијан Керн.
„Ваквите злосторства ја уништуваат довербата во цврстината на нашето општество и треба жестоко да бидат осудени. Кога луѓето, како што се случи во Линц, убиваат поради вистински или од претпоставена блискост до некоја партија, секој треба да истапи против ваквите појави“, истакна австрискиот канцелар.