![kameri](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/kameri.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Во вечерашното издание не поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува, пратеничка група“ гостуваше пратеникот Дејан Проданоски дискутираше на тема поврзана со законските регулативи за зајакнување на безбедноста во сообраќајот и за мерките кои се преземаат со цел намалување на сообраќајните несреќи. Притоа стави акцент и на своите размислување за тоа како да се подобри безбедноста во сообраќајот.
Проданоски наведе кои чекори можат да придонесат за смалување на бројот на сообраќајни прекршоци, со оглед на тоа што се регистрирани преку 19 илјади прекршоци во изминатите три години, но и за влијанието на законот и ригорозните мерки.
„Од она што слушнавме и од она што го знаеме, како пратеници и како граѓани, е дека навистина имаме и ригорозни закони кои влијаат врз подобрување на безбедноста во сообраќајот. И не е еден закон, туку неколку закони, Кривичниот закон, Законот за безбедност во патниот сообраќај и Законот за прекршоци, сите тие влијаат на некој начин да се подобри состојбата“, вели Проданоски.
Во поткастот тој наведе дека треба да биде казниво се што е поврзано со сообраќајните прекршоци и дека секоја неказнивост дава можност за повторување на прекршокот. Исто така истакна и дека токму имплементацијата на системот „Безбеден град“ како приоритет на МВР, ќе помогне во тоа да се подобри сообраќајната култура во државата.
„По воведувањето на системите на „Безбеден град“ во Скопје, тоа ќе се прошири на територијата на целата држава и од безбеден град Скопје и безбедни градови во Република Македонија, да станеме безбедна држава. Системите коишто се во најава да се воспостават, ќе направат јасна дистинкција ако сте направиле прекршок, мора да бидете санкционирани“, рече Проданоски.
Пратеникот Проданоски истакна кои фактори имаат влијание врз безбедноста, притоа наведувајќи дека се преземаат конкретни чекори со вложување во инфраструктурата, со осветлување на клучките и пешачките премини, исто така дека возачите треба да ги почитуваат зоните на смирен сообраќај, а во однос на образованието да се зголемат часовите на техничко образование.
„Неколку сегменти или неколку фактори се значајни за подобрување на безбедноста во сообраќајот и тоа е генералната безбедност, инфраструктурата и однесувањето на возачите. Во однос на безбедноста, ние почнавме со големи чекори напред, подобрувањето на инфраструктурата е еден од главните предуслови за безбедноста во сообраќајот. Јас доаѓам од Пелагонија, од општина Прилеп, каде што во најава е една делница од експресниот пат Градско-Прилеп, а се очекува до крајот на март да се пушти и комплетно дваесет и осум километарско подобрување на патната инфраструктура“, истакна Проданоски.