Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност (ИНАКУ) распишa конкурс за Меѓународниот фестивал на бајката, односно за бајки и илустрации наменети за деца од градинка и основно училиште.
На конкурсот може да учествуваат домашни и странски автори со неограничен број на свои бајки. Обемот на бајките треба да биде од една до десет страници А-4 формат.
-Сите бајки треба да бидат задолжително со машки или женски лик – девојче или момче, или со двата лика заедно. Главните ликови треба да бидат децата кои се во центарот на вниманието и се’ се врти и случува со и околу нив. Тие како ликови имаат позитивни и негативни особини, а приказните треба да бидат необични, современи, духовити, оригинални и поучни. Бајките треба да бидат прилагодени на детската возраст. Целта е да се искреираат два детски лика – девојче и момче, кои потоа ќе бидат и илустрирани и со нив ќе се објавува серијал со најразлични ситуации и приказни. Покрај текстовите може да се испраќаат и илустрации (цртежи во боја, слики и слично) на двата главни детски лика – девојчето и момчето“, објаснуваат од „ИНАКУ“.
Бајките, илустрациите и имињата на главните детски ликови треба да се испраќаат до 1 ноември на мејлот [email protected], со назнака „За Фестивалот БАЈКА 2021“. Авторите заедно со своите бајки и илустрации треба да испратат и своја кратка биографија и фотографија.
Најдобрите бајки и илустрации ќе бидат објавени во повеќе сликовници со главниот машки и женски лик за што авторите ќе добијат награда – уметничка слика и признание за најдобра авторска бајка и илустрација.