Инаугурацијата на Трамп ќе се одржи во затворен простор поради многу ниските температури

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека неговата инаугурација во понеделник ќе се одржи во затворен простор на вашингтонски Капитол, наместо на отворено, поради очекуваните многу ниски температури.

„Наредив инаугуративното обраќање, со молитвите и другите говори, да се одржи во ротондата на американскиот Капитол, што ја користеше и Роналд Реган во 1985 година, исто така поради многу студено време“, напиша Трамп во објавата на својата социјална мрежа Truth Social.

„Временската прогноза за Вашингтон, со факторот на студ на ветерот, може да доведе до рекордно ниски температури. Не сакам да видам луѓе повредени на кој и да е начин“, додаде Трамп.

Последен пат заклетвата беше преместена во затворен простор на втората инаугурација на поранешниот републикански претседател Роналд Реган.

Трамп, исто така, рече дека неговите поддржувачи може да ја следат церемонијата на екраните во „Capital One Arenа“ во центарот на Вашингтон, која може да прими 20.000 луѓе.