Бидна претседателската инаугурација во американската престолнина Вашингтон. Доналд Трамп стана 47-от претседател на САД. Втор пат е претседател на најмоќната држава во светот. Беше и 45-ти претседател. Сега е многу подруго. Победи на последните претседателски избори во САД убедливо, после неколкугодишен политички прогон. Буквално ги прегази своите политички соперници – демократите, кои тргнаа во битката прво со Џо Бајден, па се пишманија и продолжија со Камала Харис. Со овие потези поразот им беше загарантиран.
Еден од гостите на инаугурацијата на Доналд Трамп беше и македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Злобни и малоумни чуда можеа да се прочитаат и чујат за Мицкоски во однос на неговата присутност на врвната свеченост во Вашингтон. Од опозицијата за жал никој не собра храброст да го поддржи македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Навистина жално. А, тој, беше таму и за нив. Ги претставуваше и нив. Наместо да се гордеат што нивниот, македонскиот премиер е еден од ретките европски политичари, гостин присутен на врвната свеченост во САД, смислуваа смешни приказни зошто е тој таму. Дури и преку финансиска донација Мицкоски да си обезбедил присуство, тогаш направил најдобра, најпатриотска и најумна инвестиција за Македонија. Камо среќа ваков мудар, патриотски и умен потег да направеше било кој од сите претходни македонски премиери. А, дали навистина тој е патот преку кој Христијан Мицкоски стигна до место во ложата за инаугурацијата на Трамп, искрено незнам. Знам само дека токму поради Христијан Мицкоски бев многу горд Македонец на 20 јануари 2025 година. Секој граѓанин на Македонија би требало да е. И затоа триумфализмот за ова едноставно треба да гази.
Јавно видовме видеа и фотографии од дузината средби кои лидерот на ВМРО ДПМНЕ ги оствари за време на својот престој во американската престолнина. Тет-а-тет средби од најважните сегменти за една држава. Средби со луѓе од областа на безбедноста и на бизнисот. Поважно нема. А, Мицкоски ги имаше со светските лидери за безбедност и за бизнис. И не верувам дека ќе остане работава сувопарна, само на тие средби. Не му е прв пат да се среќава со тие луѓе. Прв пат му беше лани, тука во Скопје, кога дојдоа цела армија и тоа во неколкудневен престој во Македонија. За само неколку месеци по тие средби со клучните луѓе на Трамп, го видовме премиерот на Македонија во ложа на најголемата свеченост во Вашинготн во друштво на првиот човек на американските републиканци.
Ова е голема е надеж за Македонија. Глорификацијата е неизбежна.
Останаа осамени во зависта оние кои од петни жили се трудеа да го обезвреднат присуството на македонскиот премиер на најважниот политички настан во светот. За нив врв е онаа циркузантска, а донекаде и патетична сцена на Никола Димитров и Зоран Заев со Доналд Трамп и лажењето за некаква средба тогаш. Но, тие нема да сопрат. Не застануваат. Ќе ги има уште. Ќе се обидуваат да ги минимизираат достигнувањата и вредностите на оние на кои им завидуваат. Со омаловажување ќе се обидуваат да се чувствуваат супериорни и да си го вратат изгубеното чувство на самопочит. За да привлечат внимание, ќе прибегнуваат кон пасивно-агресивни тактики, како суптилни навреди и сарказам кон личноста на која и’ љубоморат. Ќе се обидат да саботираат со ширење на полувистини и дезинформации. Ќе се обидат и да манипулираат со информации. И секогаш ќе убедуваат во нешто во што ниту самите не веруваат. Дека присуството на премиерот на Македонија во ложата за инаугурацијата на претседателот на САД нема никаква вредност за државата и дека не значи ништо во дипломатијата, во политиката, за иднината на земјата. Е тие, или не си ја сакаат сопствената држава, или љубомората што политичкиот соперник е далеку поуспешен ги заслепела целосно. Што од ова ќе излезе вистина, ќе се покаже во блиска иднина, кога Македонија ќе почне да ги ужива благодетите од она што го виде и доживеа на 20 јануари 2025 година.
Автор: Дејан Николовски