Инаугуриран првиот постојан гарнизон на американска војска во Полска

САД во вторникот го инаугурираа својот прв постојан воен гарнизон во Полска, а според американскиот амбасадор во Варшава тоа е знак за единството на НАТО „наспроти руската агресија“.

„Ова покажува дека сме тука за да останеме. Тоа на целиот свет му покажува дека САД им се приврзани на Полска и на НАТО. Обединетите сме наспроти руската агресија“, изјави на свечената церемонија американскиот амбасадор Марк Брзежински.

Американскиот гарнизон, кој е осмиот во Европа, ќе биде задолжен за координација на поддршката на американските сили распоредени во Полска и во целото источно крило на НАТО.

Распоредувањето на постојаниот американски гарнизон претставува реализација на одлуката на американскиот претседател Џо Бајден од минатата 2022 година, а гарнизонот ќе биде во служба на главниот штаб на V корпус на американската војска којашто дејствува во Полска од 2020 година.

Во Полска моментално се стационирани повеќе од 10.000 американски војници. Низ оваа земја поранешна членка на комунистичкиот Варшавски договор се транспортираат повеќето од оружјето и воената опрема коишто земјите на НАТО ѝ ги испорачуваат на Украина за војната против Русија.

Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак изјави дека постојаниот американски гарнизон во Познањ ќе биде првата точка на постојано разместување на американските трупи во Полска.

„Ја поздравувам постојаната американска воена присутност во Полска, особено поради ситуацијата во којашто моментално се наоѓа Европа, односно руската инвазија врз Украина со цел да биде обновено руското царство“, рече Блашчик.

Додаде дека истурената команда на V Корпус на американската војска е „залог за безбедноста на Полска и целото источно крило на НАТО“.