Инцидент со автомобил од обезбедувањето на главниот бугарски обвинител

Експлозивна направа оштетила автомобил од обезбедувањето на бугарскиот главен обвинител, Иван Гешев, во момент додека се движел на патот Софија – Самоков.

Според првични информации на бугарски медиуми пред еден од автомобилите од обезбедувањето била активирана експлозивна направа. Повредено е лице од обезбедувањето. Патот е затворен и се врши истрага, јавија бугарските медиуми.

Гешев бил во главниот автомобил на колоната која доживеала несреќата, но не е повреден, изјави главниот секретар на бугарското Министерство за внатрешни работи Петар Тодоров, на брифингот за новинарите во Бургас.

Исто така, тој ги потврди прелиминарните податоци дека е поставена експлозивна направа. Тодоров прецизираше дека дојава за инцидентот е добиена денеска нешто пред 11,45 часот.

Вршителот на должноста премиер Галаб Донев за утре итно свика состанок со сите служби во МВР, Националната безбедност, државното обвинителство и локалното обвинителство поради инцидентот со колоната на главниот обвинител Иван Гешев.