Еден полицаец загина а друг е ранет во близина на Капитол во Вашингтон, откако во петокот во нив се забил автомобил.
Полицијата пукала на осомничениот откако тој излегол од возилото мавтајќи со нож, а кој потоа починал во болница, пренесува CNN.
Полицијата од Капитол Хил соопшти дека интервенирала, бидејќи непознато лице со возило налетало на двајца полицајци.
Роберт Конти, вршител на должноста началник на полицијата во Вашингтон, вели дека се чини оти не станува збор за терористички напад/
„Но, ние ќе продолжиме со истрагата за да ги утврдиме мотивите за нападот“, додаде тој.
Телевизијата CNN јавува дека блокадата на Капитол била тргната.
Од звучниците во американскиот Капитол се слушала најава дека „блокадата поради надворешна закана е завршена и да продолжат да ги следат полициските упатства“.
Американскиот претседател Џозеф Бајден нареди знамињата во Белата куќа да се спуштат на половина копје во чест на полицаецот убиен во вчерашниот инцидент во Капитол во Вашингтон.
Во изјавата, Бајден изрази сочувство до семејствата на полицајците.
„Знаеме дека ова е тешко време за Капитол, за сите оние кои работат таму и кои го штитат“, напиша Бајден, изразувајќи благодарност до полицијата во Капитол и Националната гарда за брзиот одговор на нападот.
Државниот секретар за безбедност Алехандро Мајоркас на Twitter објави дека „има уште многу работи да се откријат за овој напад“.