Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Валентин Инцко оценува дека, ако состојбата ескалира, би требало евентуално да се размисли за трупи на Европската Унија.
„Ќе ја разгледуваме состојбата во Босна и Херцеговина во вторник во меѓународниот управен одбор. Австрија ќе го зголеми својот број на војници во Босна. Ако состојбата ескалира ќе бидеме принудени евентуално да размислиме за трупи на ЕУ. Меѓутоа, не сега“, порачал Инцко во интервју за виенскиот весник „Курир“.
Инцко оценил дека сегашната состојба е најлоша од завршувањето на војна, од Дејтонскиот договор во 1995 година.
Истовремено негирал дека „гори“ Балканот, укажувајќи дека Србија добро напредува.
Исто така нагласил дека насилството со повеќе од 100 повредени мора најостро да се осуди. Меѓутоа, вели дека протестите се оправдани и дека социјалната нерамноправност водила кон нив.