Индија ја надминува Кина како најнаселена земја

Индија ја престигнува Кина според бројноста на населението, а разликата меѓу двете најнаселени земји на планетата изнесува 2,9 милиони жители, произлегува од податоците објавени на веб-страницата на Фондот за население на Обединетите нации, a eкспертите за население кои користат претходни податоци од ОН предвидуваат дека Индија ќе ја престигне Кина уште кон крајот на арил.

Демографските податоци од Фондот за население на Обединетите нации (UNFPA) „Извештај за состојбата на светското население, 2023“ проценуваат дека населението на Индија во моментов изнесува е 1,4286 милијарди а на Кина 1,4257 милијарди луѓе. Со тоа Индија од годинава е најнаселена држава на планетата, додека САД се трети, со проценета популација од 340 милиони жители.

Иако Индија и Кина ќе сочинуваат повеќе од една третина од проценетата глобална популација од 8 милијарди, растот на населението во двата азиски гиганти забавува со многу побрзо темпо во Кина отколку во Индија. Минатата година, популацијата на Кина се намали првпат по шест децении, историски пресврт што се очекува да го означи почетокот на долгиот период на опаѓање на бројот на нејзините граѓани со длабоки импликации за нејзината економија и светот.

Годишниот раст на населението во Индија е во просек 1,2 отсто од 2011 година, во споредба со 1,7 отсто во десетте години претходно, според владините податоци.

Во Индија, 25 отсто од населението го сочинува возрасната група од 0 до 14 години а на која во Кина отпаѓа 17 отсто од вкупната популација. Уделот на населението меѓу 10 и 19 години во Индија изнесува 19 а во Кина 12 отсто. Лицата меѓу 10 и 24-годишна возраст во Индија е 26 отсто од вкупната популација, а во Кина оваа возрасна група има 18-процентен удел во населението. Во двете земји речиси подеднакво е застапена возрасната група меѓу 15 и 64 години, во Индија е на 68 а во Кина на 69 отсто. Кина според овие податоци има повозрасно население, имено повозрасните од 65 години сочинуваат 14 отсто од вкупната популација, додека во Индија овој показател е проценет на 7 отсто.

Од друга страна, пак, се наведува дека Кина ја надминува Индија во однос на очекуваниот животен век. За жените во Кина тој изнесува 82 а за мажите 76 години, додека во Индија тоа е 74 за жените и 71 година за мажите.