Индија и Кина може да го попречат планот на Г7 за руската нафта

Индија и Кина би можеле да го попречат спроведувањето на земјите од групата Г7 за ограничување на цената на руската нафта со ангажирање на своите бродови за нејзиниот извоз, пишува во четвртокот Financial Times.

Според аналитичарите со кои разговарал весникот, тоа на Русија би ѝ овозможило да ги заобиколи мерките на земјите од Г7 и Европската унија, бидејќи овие две земји, односно нивните бродови и компаниите во кои се регистрирани, на увозниците би им пружале услуги на осигурување и транспорт.

„Иако руската нафта е ефективно забранета за поголемиот дел од светската танкерска флота, Индија и Кина веројатно ќе сакаат да продолжат да тргуваат со своите бродови или Русија ќе може да ги користи своите“, се наведува во текстот на Financial Times.

Претставник на ЕУ во разговор за весникот сугерирал дека најтешко би било да се убедат доволен број земји и големи осигурителни компании да ја поддржат предложената шема на Г7. Експертката Хелима Крофт, пак, изразува сомневање во шансите за идејата на Г7 поради малите шанси да се одреди цената доволни ниска за да ги намали приходите на Русија од нафтата.

Земјите на Г7 во вторникот објавија дека се согласиле да разгледаат сеопфатна забрана за услуги за транспорт на руската нафта и нафтени деривати по поморски пат ширум светот, доколку не се купува по цена договорена со меѓународните партнери или поевтино. Истовремено, Г7 најавија дека ќе ги разгледаат механизмите кои ќе ги ублажат последиците од таквите ограничувања за најзагрозените земји, со задржување на нивниот пристап до енергенсите од Русија.