Индија во вторникот објави дека канадски дипломат мора да ја напушти земјата во рок од пет дена, а одлуката доаѓа само неколку часа откако Отава го протера највисокиот разузнавач на јужноазиската земја и го обвини за наводна вмешаноста во убиството на лидерот на канадските Сики.
Ова е најновиот развој на ескалацијата на спорот меѓу двете земји. Канада во понеделникот објави дека „активно ги истражува веродостојните наводи“ кои ги поврзуваат индиските владини агенти со убиството во Британска Колумбија во јуни.
Индиското Министерство за надворешни работи соопшти дека канадскиот амбасадор во Њу Делхи бил повикан на разговор и информиран за одлуката за протерување.
„Одлуката ја одразува зголемената загриженост на индиската влада поради вмешаноста на канадските дипломати во нашите внатрешни работи и нивната вмешаност во активностите против Индија.На дипломатот му беше кажано да ја напушти Индија во следните пет дена“, соопшти Министерството.
Индија во вторникот го отфрли обвинувањето на Канада како „апсурдно и мотивирано“.
Минатата седмица официјален Њу Делхи соопшти дека премиерот Моди на својот канадски колега по должност Трудо ми ја пренел длабоката загриженоста поради протестите во Канада против Индија.
Хардип Синг Нижар беше застрелан и убиен пред храмот на Сиките во Сари, Британска Колумбија на 18-ти јуни. Нижар се залагаше за формирање татковината на Сиките во форма на независна држава Калистан и беше означен како „терорист“ од страна на Индија.
Соединетите држави се „длабоко загрижени“ од наводите на канадскиот премиер Џастин Трудо дека агентите на индиската влада биле поврзани со убиството на сепаратистичкиот водач на Сиките, соопшти во понеделникот Белата куќа.
„Длабоко сме загрижени поради наводите изнесени денеска од премиерот Трудо. Ние сме во редовен контакт со нашите канадски партнери. Од клучно значење е канадската истрага да продолжи и сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата“, изјави портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Адриен Вотсон.
Се огласи и Австралија. „Австралија е длабоко загрижена од овие наводи“, изјави во вторникот портпаролот на министерката за надворешни работи Пени Вонг.
Велика Британија во вторникот соопшти дека е во близок контакт со канадските партнери поради „сериозните наводи“ од Отава дека индиската влада била вмешана во убиството на лидерот на Сиките во Канада.
Во Канада живее најголемата популација на Сики надвор од нивната родна територија сега сојузната држава Пенџаб во Индија. Во Канада, особено последните седмици се одржаа бројни протести коишто го разгневија Њу Делхи.