Со 121:87 кошаркарите на Индијана Пејсерс славеа над Кливелнд Кавалирс во шестиот натпревар од првиот круг во плеј-офот на НБА лигата, со што го израмнија скорот во серијата на 3-3 и за патникот во вториот круг ќе се одлучува во седмиот дуел кој се игра во недела во Кливленд.
Пејсерс до важната победа со која ги задржаа шансите да минат ги предводеше Виктор Одалип со 28 кошеви, 13 скокови и 10 асистенции, додека Леброн Џејмс со 22 поени беше најефикасен кај Кавалирс.
Домашните се одвоија со позначителна разлика кој крајот на првото полувреме, а во третата четвртина успеаја да побегнат и на 20 кошеви предност, па така последната делница беше само формалност. Победата Индијана ја извојува благодарејќи на жестоката игра во одбраната, па така на Џејмс при еден влез во рекетот на домашните му беше скршена аркадата во сударот со Тадеуш Јанг, додека Кевин Лав во една од борбите за топка доби силен удар со лакт во главата од Мајлс Тарнер.
Победникот од двобојот меѓу Пејсерс и Кавалирс во вториот круг од доигрувањето ќе се соочи со првите носители на Источната конференција Торонто Репоторс кои ги елиминираа Вашингтон Визардс со 4-2 во победи. Во шестиот меч игран во петокот во Вашингтон, Торонто славеше со 102-92.
Откако во сите пет претходно мечеви славеше тимот кој беше домаќин, Репоторс до решавачката победа во серијата дојдоа на гостински терен, и тоа со пресврт во последната четвртина. По 36 минути игра резултатот беше 78:73 за Вашингтон, бо последните 12 минути Торонто предводени од Кајл Лоури ги добија со 29:14 и стасаа до победата. Лоури 13 од своите 24 поени постигна во последната четвртина, а го следеше центарот Јонас Валанчиунас со 14 поени и 12 скокови. Визардс сезоната не успеаја да ја продолжат и покрај 32-та поена на Бредли Бил и 23 кошеви на Џон Вол.
Пласман во вториот круг во петокот избори и Јута Џез која со 4-2 ги исфрли Оклахома Сити Тандерс. Џез во шестиот меч на својот паркет славеа со 96:91, а уште еднаш феноменално одигра дебитантот во лигата Донован Мичел кој постигна 38 кошеви, од кои 22 во третата четвртина. Кај Тандерс брилјираше Расел Вестбрук со 46 погодоци и 10 скокови, но тоа не беше доволно да се извојува решавачкиот седми меч на својот паркет.
Следен ривал на Јута ќе биде првиот носител на Западната конференција, Хјустон кој претходно со 4-1 ја елиминираше Минесота.