Индонезија: По ерупција на вулкан спасувачите пронајдоа 11 жртви

Спасувачите пронајдоа тела на 11 жртви по ерупцијата на вулканот Марапи на индонезискиот остров Суматра, изјави портпаролот на спасувачките служби, а потрагата по 12-те исчезнати е превримено прекината.

Во моментот на ерупцијата во областа имало 75 планинари, од кои 49 биле евакуирани во понеделникот, а многумина сега се хоспитализирани поради изгореници, изјави портпаролката на службата за пребарување и спасување Џоди Харјаван.

Покрај телата на 11 планинари, спасувачите пронајдоа и тројца преживеани, додаде Харјаван, а потрагата по 12-те исчезнати беше прекината поради подоцнежната мала ерупција.

Во пресрет на активирањето на вулканот, властите го подигнаа нивото на будност и воспоставија зона за забранет пристап на три километра од кратерот.

Марапи еруптираше во неделата, исфрлајќи колона од пепел висока три километри на небото. Небото беше покриено со огромен облак од вулканска пепел, покривајќи и автомобили и патишта, покажуваат снимките.

Вулканот е меѓу најактивните на Суматра, а најмногу жртви зеде во април 1979 година, кога во ерупцијата загинаа 60 луѓе. Избувна и на почетокот на оваа година. Индонезија има 127 активни вулкани и се наоѓа на пацифичкиот „Огнен прстен“, според агенцијата за вулканологија.