Индонезиското Националното здружение против насилство над жените побара од властите да го забранат стапувањето во брак на девојките кои немаат 18 години.
Главен аргумент на ова барање се податоците според кои Индонезија, веднаш зад Камбоџа, е на врвот на азиската листа според процентот на смртни случаи во период на бременост и при породувањето.
Според еден американски извештај, подготвен од ЦИА, во 2010 година кобни последици на бременоста имале 220 од 100.000 жени, а според локално истражување, по две години, бројката се искачила на 359.
Во Индонезија, според чии закони и малолетниците имаат право на глас ако се во брак, дозволено е легализирање на брачна врска со наполнети 16 години. Во легален брак стапувале и девојки меѓу 10 и 14 години, а официјалната статистика говори дека во оваа категорија има речиси половина милион млади Индонезијки.