Индустриското производство во ЕУ падна во јули

Европското индустриско производство повторно се намали во јули, покажаа во петокот објавените податоците на Европскиот завод за статистика.

Сезонски и календарски приспособеното индустриско производство во еврозоната е намалено во јули за 0,3 отсто во споредба со јуни кога, според ревидираните податоци, стагнирало, утврди Eurostat. Пад е забележан и во Европската унија, за 0,1 отсто во однос на јуни, кога производството се зголеми за ревидирани 0,1 отсто.

Производството на трајни производи за широка потрошувачка најмногу се намали во двете области и тоа за 2,8 отсто во еврозоната и за 2,2 отсто во ЕУ.

Поизразен пад е забележан во секторот капитални добра и тоа за 1,6 отсто во еврозоната и за 1,7 отсто во ЕУ. Следува секторот на интермедијарни производи со пад на производството од 1,3 отсто во двете области.

Во јули, производството на нетрајни производи за широка потрошувачка најмногу порасна и во еврозоната и во ЕУ, за 2,8, односно 2,1 отсто, во однос на јуни.

Индустриското производство во Малта најсилно падна во јули на месечна основа, за 5,5 отсто. Следат Естонија и Романија, каде што е намален за 4,8, односно 3,4 отсто.

Најголем раст на производството е забележан во Ирска, од 9,2 отсто. Следи Хрватска со раст на индустриското производство во јули, според сезонски и календарски приспособени податоци, за осум отсто во однос на јуни кога е намалено за 3,7 отсто. Во групата земји со најсилен раст се најде и Белгија, каде што забележа раст од 7,3 отсто.

Во споредба со ланскиот јули, индустриското производство во еврозоната е намалено за 2,2 отсто, приближно половина од јуни, покажуваат ревидираните податоци на Eurostat за првиот летен месец. Во јули, ЕУ забележа и половина поблаг пад на производството на годишно ниво, со стапка од 1,7 отсто, пресметаа статистичарите, ревидирајќи ги и податоците за јуни.

Производството на капитални добра бележи најголемо намалување во двете области во јули на годишна основа и тоа за околу 5,3 отсто. Следи секторот на трајни производи за широка потрошувачка со пад на производството во еврозоната за 4,4 отсто и за 3,5 отсто во ЕУ. Пад бележи и секторот интермедијарни производи, за речиси три проценти. Најмногу пораснало производството на нетрајни производи за широка потрошувачка, за 2,2 отсто во еврозоната и за 3,9 отсто во ЕУ.

Најмногу во јули на годишна основа падна индустриското производство во Унгарија, за 6,4 отсто. Следат Естонија и Германија, каде што е намален за 5,8, односно 5,5 отсто. Убедливо најголем пораст на производството е забележан во Данска, од 19,8 отсто. Двоцифрен раст бележи и Грција, од 10,8 отсто.